Бројот на загинати во самоубиствениот напад врз воз во Пакистан порасна на повеќе од 30

Бројот на загинати во самоубиствениот бомбашки напад врз воз во југозападен Пакистан денеска порасна на повеќе од 30, откако претходно беше соопштено дека во експлозијата настрадале 24 лица, соопштија денеска пакистанските власти.

Двајца покраински функционери во провинцијата Белуџистан, кои зборувале под услов да останат анонимни, изјавиле дека бројот на жртвите од нападот што се случи вчера пораснал на повеќе од 30.

Нападот се случи кога бомбаш-самоубиец со автомобил натоварен со експлозив удрил во возот. Одговорноста за нападот врз возот во кој се наоѓале членови на пакистанските безбедносни служби и нивните семејства, ја презеде сепаратистичката Ослободителна војска на Белуџистан (BLA).

Еден од функционерите изјави дека возот превезувал патници од воениот кантон во Квета, кои патувале кон своите родни градови за да го прослават Курбан бајрам.

Според соопштението на пакистанското Министерство за железници, од експлозијата три вагони излетале од шините, додека два вагона се превртеле.

Back to top button
Close