Бројот на жртви во Либан надмина 1.000, Хезболах тврди дека уништува израелски тенкови

Либанското Министерство за здравство соопшти дека бројот на загинати во израелските напади врз земјата, кои траат од 2 март, официјално ја надмина бројката од 1.000 лица, додека борбите на југот на земјата дополнително се интензивираат.

Според денешниот извештај на Центарот за вонредни операции, во изминатите 24 часа загинале 33 лица, со што вкупниот биланс на жртви се искачи на 1.001 загинато лице и 2.584 ранети. Меѓу настраданите од почетокот на конфликтот има и 40 здравствени работници.

Истовремено, Хезболах објави дека води жестоки битки со израелските копнени сили во градовите Тајбех и Кијам, тврдејќи дека нивните борци успешно одбиле обиди за напредување и дека со ракети и артилерија ги таргетирале израелските тенкови „Меркава“, како и градови во северниот дел на Израел.

Либански безбедносни извори за ДПА потврдија дека израелската војска полека напредува во селото Кијам, систематски уништувајќи куќи во близина на границата. Израел претходно ги предупреди жителите јужно од реката Захрани да се евакуираат поради нивна безбедност.

Во Бејрут денеска преовладуваше тензичен мир по вчерашните напади врз централните квартови во кои загинаа најмалку 12 лица.

Back to top button
Close