Бројот на жртви во пожарот во трговскиот центар во Карачи се искачи на 67

Најмалку 67 лица загинаа во катастрофалниот пожар што го зафати трговскиот центар „Гул Плаза“ во пакистанскиот пристанишен град Карачи, потврдија денеска локалните власти по пронаоѓањето на нови тела.
Судскиот лекар Сумаја Сиед изјави дека спасувачките екипи сè уште ги пребаруваат урнатините на објектот каде пожарот избувна во саботата. Таа нагласи дека идентификацијата на жртвите е исклучително тешка бидејќи од повеќето тела останале само делови.
Истрагата досега утврдила дека пожарот избувнал во моментот кога повеќето сопственици ги затворале продавниците. Брзото ширење на пламенот било потпомогнато од запаливи материјали како козметика, облека и пластични производи. Како најверојатна причина за несреќата се наведува краток спој на електричната инсталација.
Овој инцидент повторно го отвори прашањето за лошите безбедносни стандарди и нелегалното градење во Пакистан. Карачи во изминатите години беше место на повеќе слични трагедии, вклучувајќи го и пожарот во текстилна фабрика во 2012 година кога загинаа 260 лица.






