Бродвејскиот мјузикл „Убавицата и Ѕверот“ утре премиерно ќе се одигра на школка во Градски парк

Студиото за детски мјузикли при Здружението за инклузивно и неформално образование Крео-Аксис од Скопје, утре во 13:00 часот на школка во Градски парк премиерно ќе го изведе бродвејскиот мјузикл „Убавицата и Ѕверот“ препеан на македонски јазик.

– Преку оваа француска бајка која е создадена во далечната 1740 год, а е популарна и ден денес, децата научија многу важни животни лекции, како на пример не судете според надворешниот изглед, убавината доаѓа одвнатре, осмели се да бидеш различен од другите и никогаш не се откажувајте од вашите соништа, истакна Наташа Лалчевска од Крео-Аксис.

Улогите во мјузиклот ги толкуваат Лара Иванова како Бел (Убавицата),  Ѕверот го игра Симеон Коруноски, Гастон – Матеј Златков, г-ѓа Потс – Јана Јовиќ, Лумиер – Давид Огнаноски, Когсфорт – Јована Лалчевска, ЛеФу – Лука Златков, Бабет – Неда Димкова, Мадам – Дена Деница Симјаноска и Чип- Бисера Мојаноска.

Со децата работат Наташа Лалчевска како хорски диригент, Биљана Стојановска Трајковска – кореограф, Стефани Стојановска – асистент кореограф и Радо Алексовски – актерска игра. Препевот е на Весна Малинова.

Проектот е поддржан од Министерството за култура,  Град Скопје и QSI Интернационално училиште.

Покрај создавање на образована публика, театарски бон-тон и развивање на љубов кон уметноста, мисијата на Здружението е преку креативни проекти да влијае на развојот на карактерните особини кај младите, со особен акцент на воспитниот дел од образованието.

Back to top button
Close