Брука

Како што вели нашиот народ за некоја работа, брука и прилика, ете тоа некако ни се случува на политичката сцена во овие изминати денови и месеци.

Минатиот месец ни се случи оној “најсрамен“ протест во историјата на самостојна Македонија, оној против вакцинирањето, протест на оние кај кои мнозинството од нив гордо се нарекуваат антиваксери, другите што не се антиваксери а сепак протестираа тотално се избрукаа.

Се случија сега пред локалниве избори според мене некои чудни “непринципиелни“ коалиции, па и тоа е ако сакате своевидна политичка брука, онаа “Преседан Коалиција“ помеѓу “тепаниот и тепачите“ што ретко се гледа во светската а богами и домашната политика, еве сега ќе имаме можност да ја гледаме на дело, ама тоа е. Но за овие непринципиелни коалиции ќе пишуваме следниот пат.

Пред десетина дена, токму на 8 септември, денот на независноста, ни се случи онаа огромна трагедија со која сите сочувствуваме, која силно не погоди, па веднаш некои “големи политичари“ се обидуваат на голема врата политички да профитираат од цела оваа ситуација, абе невидена брука и сега на крајот ова околу оставките на министерот и другите функционери, она партиско и креативно толкување и интерпретации на Уставот и Деловникот на наши угледни експерти и професори во служба на политиката, тоа се вика друже “брука на квадрат“, но да тргнеме по ред.

Некаде во средината на месец Август се случи оној според мене “најсрамен протест“ во нашата историја. Еве се најавуваат и нови вакви протести. Во екот на пандемијата кога секојдневно умираат луѓе, и тоа над 90 % од нив невакцинирани, кога државата е принудена да воведе некои рестриктивни мерки (задолжителен сертификат) и да го ограничи групирањето на луѓето особено на оние кои се невакцинирани и потенцијално најпогодни за пренесување на вирусот, се собрале туку така некои групи луѓе на протест, инаку “антиваксери“ у слободно време, затоа што им било ускратено “Уставно загарантираното право“ да одат у “кафана“ а и во Сити Мол, односно им биле ускратени човековите права, ма немој молим те. Абе брука и прилика.

Според една моја така “опскурна“ анализа, во Македонија постојат три групи на антиваксери. Првата група на антиваксери ја сочинуваат оние луѓе кои од неразбирливи “политички“ причини не сакаат да се вакцинираат. Оваа група на луѓе мислам дека е најмалубројна од сите други. Ова се луѓе кои ја поддржуваат опозицијата, онака тврдо, луѓе кои вакцинирањето некако го поврзуваат со политиките на владата, небаре владата ги измисли вакцините а богами и оваа пандемија, па имаат некој чуден неразбирлив отпор кон вакцинирањето. Па дури и кога се вакцинирааат го прават тоа неволно, со отпор. Навистина чудно но за жал така е. Втората група на антиваксери ја сочинуваат оние “автентични“ вистински антиваксери кои веруваат дека со вакцинирањето нешто ќе им се случи, тоа се генерално во голем број интелегентни луѓе кои веруваат во “теории на заговори“, постојано читаат за тоа, едноставно фокусирани се да ги примаат и да бидат бомбардирани од тие информациии кои одат во оваа насока. Во оваа група на вистински антиваксери секако спаѓаат и голем број наши граѓани кои од верски причини или убедувања не сакаат да се вакцинираат. Третата група на антиваксери која мислам дека воедно е и најбројна тоа се оние кои се незаинтересирани за било што, оние инаетчии, сеирџии, оние кои се против се и сешто, мрчатори на социјалните мрежи, разни сезнајковци, оние кои к..р ги боли за све. Ако им кажете да не се вакцинираат тие за инат ќе се вакцинираат, кај нив важи она правило дека “Они мене ќе ми кажат, абе гитла таму“. Вакви групи на луѓе се најраспростанети и ги има насекаде во сите држави и општества. Државата не им загрозила ниту едно право, напротив, државата е должна во ваков случај кога се работи за пандемија да воведе одредени рестрикции и мерки со кои ќе ги заштити граѓаните, државата дури има право во една ваква ситуација да воведе и како мерка задолжителна вакцинација, да и тоа може да го направи и нема да претставува тоа во никој случај загрозување на човековите права. Целиот свет воведува далеку порестриктивни мерки од кај нас, гледате и самите, се праќаат на принуден одмор невакцинираните лица, не им се дозволува да влезат никаде, ниту да наполнат гориво, во некои земји се принудени сами да си ги сносат трошоците за лечење доколку се заразат од вирусот, па шо мислите бе вие, ај оладете ги главите малку.

На денот на независноста 8 септември оваа година не погоди сите нас онаа трагедија која се случи во Тетовската модуларна болница каде што животот го загубија наши граѓани. Уште долго време ова ќе биде една болна тема за која ќе се дебатира, ќе се кршат политичките копја околу тоа кој бил виновен, зошто бил, дали можело сето ова да се избегне, зошто се случило итн.  Жално е што во сета оваа тажна ситуација некој не почека ниту да изброи до десет туку веднаш се започна со една сурова политичка кампања за да се ќари по некој политички поен. Вистинско политичко лешинарење, нема други зборови за тоа. Но останува на граѓаните да судат за тоа, еве сега на избори. Ќе судат за тоа кој бил а кој не бил во право, кој е виновен а кој не е, кој направил и вложил голем труд за време на оваа пандемија а кој само плукал и напаѓал, кој направил многу за здравството, за докторите а кој не направил ништо, кој треба  да поднесе оставка, итн.

Кога сме веќе кај оставките, сведоци сме сите ние овие денови на една политичка “брука“ околу партиските креативни интерпретации на Уставот и Деловникот во врска со оставките на Министерот за здравство, неговиот заменик и останатите директори. Тажно е сето ова да се гледа почитувани. Тажно е кога истакнати наши професори седнати во партиски скут се бламираат на јавна сцена со некои работи кои се факти и не можат да се бранат. Излегуваат на некои емисии и не знаат како да се извлечат од цела оваа ситуација каде што ги напикала партијата и гледам претураат теории од шупљо у празно. Но уште потрагично е тоа што ова не го прават прв пат. Сум пишувал за ова, тоа е на некој начин “злоупотреба на службена положба и овластување“. Можам да ги разберам опозициските пратеници, тие имаат право да се борат и да манипулираат, односно да ни верглаат една тема и да кажуваат дека не било вака туку било така или било онака, но во овој случај кога се е напишано и предвидено, кога е јасно како бел ден, не може експертите да настапуваат онака тврдо партиски. Еве нека ми кажат една работа, кога тоа во нашата историја како независна држава, некој член на владата отишол и доставил оставка во Собранието, односно баш онака како што бара лидерот на опозицијата, до вторник нели. Нема такво нешто. Тој пример што го наведуваат во 2013 година за Трајко Вељаноски нема врска со ова. Трајко бил пред се пратеник а воедно и претседател на Собрание и не бил член на влада. За членовите на владата,  постапката околу тоа до кого треба да ја достават оставката е прецизно и јасно напишана и дообјаснета во Деловникот за работа на Собранието. Односно, член на владата оставката ја доставува до претседателот на владата. Тоа впрочем добро им го објасни и претседателот на Собранието, па им одржа добра лекција на овие експерти. Оние кои што се повикуваат на Уставот каде што нема прецизна одредба околу тоа (и не мора да има) го прават тоа за да манипулираат и на долго и широко да интерпретираат и толкуваат онака како што и одговара на партијата што ги овластила да го прават тоа.

Инаку што се однесува до оставката на министерот за здравство Венко Филипче, имам свое мислење со кое тој не мора да се сложува. Ги слушав внимателно “теориите“ на некои политичари со својот настап во Собранието околу “морално-филозофската“ компонента на оставките! Демек не смеело тој што дава оставка да ја повлече таа своја одлука, као даваш оставка и за век и веков амин, нема врска тоа. Тие настапуваат од свој политички интерес. Не постои ниту една оставка во светот што не може или не смее да биде отповикана, светот едноставно не функционира така, политиката е жива материја, дури и да е оставката дадена со јасно изразена волја за неотповикливост може апсолутно да биде отповикана од тој што ја дал и за тоа нема никакви правила и санкции,  за таа одлука ќе суди народот на избори, тоа е. Со оглед на фактот дека министерот во самата оставка што ја достави до премиерот не се повикува децидно на (неотповикливоста) во оваа оставка, односно не изрази јасна намера дека во никој случај нема намера да ја отповика оваа своја одлука, туку оваа одлука ја донел во момент кога се наоѓал во една состојба каде што е морално погоден од оваа трагедија, сето ова му дава за право на премиерот да седне, да ја разгледа оваа оставка и сериозно да размисли за понатамошните постапки. Треба да го направи тоа со мирна глава, по завршување на  изборите и завршување на оваа луда и наелектризирана политичка атмосфера, по комплетно завршување на истрагата за да објективно се согледаат сите факти кои довеле или не довеле до оваа трагедија, па после тоа да одлучи. Оставете ја опозицијата нека вреска, тоа и е работа, тие гледаат политички да профитираат, колку посилно врескаат и бараат оставка тоа значи дека треба да се причека. По мое скромно мислење, а гледам дека и огромен дел од луѓето како и припадниците на лекарската фела имаат голема доверба во него, па мислам дека Венко Филипче беше многу солиден министер на чиј што грб падна огромен дел од обврските кои мораше да ги менаџира македонскиот здравствен систем за време на оваа пандемија, па доколку истрагата покаже дека нема некоја објективна одговорност кај него, мислам дека треба да продолжи да биде министер и да ја отповика оваа своја одлука, можеби со ова ќе се сложи а можеби и не.

П.С. Деновиве и ова суетниве новинари се претераа. Ќе си конструираат во глава некоја приказна (нонпејпер), као божем е точна или вистинита, па ќе се нафрлат на сите нас како бесни кучиња да не “караат“ и подучуваат што да прифатиме и што не смееме да прифатиме. Абе каков нонпејпер какви будалаштини, ај легнете одморете малку.

м-р Глигор Стоименов

                            

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close