БРУКИ(М)

Ние никогаш нема да се оправиме. Ваквата патологија и политикантство, ваквото (не)културно подземје во ова кич опкружување, онаквите каубојски „избори“ во најстариот ни универзитет… се практично – непремостливи, неуништиви ѕидови за некоја сегашна или идна демократија. И веќе е очигледно дека ние всушност сме ја измислиле короната во културата, во образованието, во науката… во политиката… уште во 1990тите години. И од тогаш – таа коси како луда, ништи се’ пред себе, а секоја власт не само ошто не се бори против неа туку успешно ја потхранува. Инаку, како така и толку долго би опстојувала, нели? И како би се ширела до денешните димензии? А против таквата спрега тешко можете да се борите. Тоа е таа држава за којашто говореше Прибе, тоа е тој стеснет ум, никогаш созреан примитивен менталитет којшто македонската политика редовно го избира за партнер. Со него ужива, со него се гордее, со него прави дилови.

Па видете ги како се резилат за само „грст долари“, читајте како си ги вадат очите репрезентите на „врвот“ на македонската (не)култура. Кога делат – заедно се, кога нема што да се подели – ќе се потепаат, очи ќе си извадат. Каква филмска  брука  – на гоооолемо платно, синемаскоп! Кај нас нема дијалог/полемика за вредности, за квалитет, за стандарди (во образованието, во културата, во науката… во политиката), кај нас творците не се соочуваат со критиката којашто систематски самите ја гушат, ние сакаме дисперзирано образование коешто ќе лиферува тутурутки, неспособни испрдоци на полуспособни „професори“, кај нас се гласа за континуитет во заробениот (БР)УКИМ! Кога би имале избори филувани со пандемија на секои шест месеци, би ни се откриле сите „тајни“ – коишто де факто и не се баш некакви тајни зашто се муабетат во секоја скопска меана! – и уште подобро би ги запознавале нашите „заслужни“ уметници, режисери, продуценти, професори, ректори, декани… политичари и политичарки. И сето тоа во организација, продукција и режија на божем таинствени персони-куклари кои зад сцената влечат конци ама и дебели пари, кои диригираат со мизансценот во некултурата, во провинциското образование, во заробената наука… сите подредени на некакви теснопартиски или еснафско ситносопственички интереси коишто целосно ја деформираа вистинската слика во овие области исклучиво во своја лична полза и за одлични хонорари! И тоа као сега некој ни го открива низ (повторно) кафеански трачарии, као божем ние треба да се згрозиме зашто ништо од тоа не сме знаеле. А тие – божем помалку и од нас!

Не е којзнае какво откритие дека сите општества имаат таков „отпад“, имаат инцидентни ситуации во културата и образованието, ама цивилизираните, културните општества бргу се справуваат со инцидентите а некомпатибилните ги лишуваат од секаква државна поддршка. Ги маргинализираат! Зашто, ако сакате, тоа и е’ улога на државата, на власта: да обезбеди нормално функционирање на институциите, да се грижи за спроведувањето на законите, правото и правдата. Ние пак црните екстреми ги устоличуваме на водечки, раководни позиции, а инцидентите ги трансформираме во правило! Државата во сиот овој период – а тука не мислам само на пандемијата туку на целиот тригодишен период – стои настрана од некои исклучително важни процеси, се дистанцира од особено важни одлуки, не спроведува реформи во културата, образованието, науката, се „вози“ на испумпаните тркала на крајно сомнителни партиски приврзоци, на осведочено кримогени типови на високи позиции или со вештачки билдан рејтинг. Не знам зошто на некој во власта не му светне сијаличката дека токму во овој период губат едно чудо потенцијални гласачи? Дека некои имиња – особено од културата и образованието – само им штетат, им го развлекуваат црното петно што ги следи уште од 2017та година. Дека онаа брука во УКИМ не е завршена и оди директно на нејзино конто, дека тоа само покажа и колку токму тој УКИМ – како впрочем и МАНУ – е бастион на груевизмот и заробената држава но и дека некои високи официозуси од власта одиграа крајно непримерена улога во „случајот“, дека и оваа турска серија во културата е директен нејзин производ односно несакано дете од неколку неприродни бракови? Среќата, во случајов, е што на спротивната страна маршира уште понеспособна „опозициска“ војска на чело со тотално неуки и неспособни партиски офицери, но и со крајно сомнителни лузери во првите борбени редови. Но таквата среќа нема вечно да трае. А културата, образованието, науката не се на распродажба!

Безмалу цели три години, но и денес, баш пред избори, власта стои на тротоарот на случувањата како нем посматрач на игрите без граници, на расфрлањето на буџетските пари, и се чуди што да (на)прави. Пред носот и’ се закажуваат и откажуваат манифестации, секоја будала држи некому лекции, ни се поттураат третокласни „ѕвезди“ за големи пари и самопрогласени уметници за уште поголеми, нивните промотери денес се со нив утре против нив… Власта се прави дури и дека не ја гледа очебијната неспособност на институциите и веќе вкоренетата кримогеност којашто создала деструктивни лични и групни шеми и интересни групи. Веќе не сме само заробена држава и самозаробена култура, сега полека нештата се трансформираат во опскурен „луј вутон“ амбиент во сите пори на системот – особено во културата – секој секого рекетира и изнудува, дели и рапределува, има за сите криминалци во државава освен за оние поединци во културата, образованието, науката… кои сакаат често и одговорно да работат. Улогата на нем посматрач дефинитивно ја самоукинува државата, ја прави непотребна односно заменлива со маргинални примитивни структури. Што уште треба да се случи за власта да прогледа? Еве, и изборите се пред нас, а после – што?

Златко Теодосиевски

Back to top button
Close