Бујар Османи: Граѓаните во 2016 година одлучија Никола Груевски да биде премиер, ДУИ одлучи Зоран Заев да биде премиер!

Ако терминот за избори е близу значи почнуваат и кампањите. Вашата партија меѓу првите веќе излезе со една нова идеја, а тоа е понуда за премиер Албанец. Не само што е пласирана од вашиот лидер Али Ахмети, туку тој категорично тврди тоа ќе се случи и тоа токму на овие избори. Од каде таа сигурност, некој ви гарантираше за тоа или ви потшепна?

– За нас ова прашање не е ад хок дојдено туку е важно парче од нашата стратегија за постигнување целосна еднаквост во државата. Ахмети го отвори уште во 2009 година на конгресот на партијата, кога наброја 12 позиции што се недопирливи за Албанците. Тоа покажува дека постои етнички монопол на одредени позиции во државата. Тоа кажува дека државата не дава еднакви можности за граѓаните. Сè уште постојат стереотипи, кои некој се обидува да ги конзервира.

Дотолку повеќе, со кој оптимизам и цврстина Али Ахмети е убеден дека тоа ќе се случи?

– Со истата цврстина со која ги вети сите други функции на кои се поставени Албанци. Ова не е нешто кампањско. Ние сме цврсто определени, ова е стратешка одлука на ДУИ и ова ќе биде.

Но, оние на кои им се обраќате, останатите партии на Албанците, но и лидерите на најголемите македонски партии, ја отфрлаат идејата?

– Ние ги слушнавме изјавите дека граѓаните одлучуваат кој ќе биде премиер, а не партиите. Морам да кажам дека граѓаните во 2016 година одлучија Никола Груевски да биде премиер. ДУИ одлучи Зоран Заев да биде премиер! Така што, прашањето на формирање влади е, пред сè, прашање на политички компромис. Влада формира тој што обезбедува мнозинство, а не тој што добива најмногу гласови. Тој што кај претседателот ќе обезбеди 61 пратеник и ќе го добие мандатот. Ние сметаме дека се созреани условите 2020 година да го добиеме првиот премиер Албанец. Тој ќе биде премиер на еднаквоста, на сите граѓани, што ќе ја сруши и последната тврдина на отпор кон еднаквоста и на етнички монопол. Државата нема да изгуби ништо, а ќе добие на својот унитарен карактер.

Ако говориме за политичка влада, а не за некаква концентрациона влада по идеја на странците, врз која платформа ќе седне вашиот премиер Албанец? На вашата или на партијата со која ќе коалицирате?

– Се разбира дека владината платформа се состои од платформите на политичките партии што ја формираат коалицијата. Ќе биде како што и сега владината платформа е заедничка на СДСМ и на ДУИ.

Со која од македонските партии ќе коалицирате?

– Тоа ќе зависи од изборниот резултат и важно е да се почитува волјата на етничките заедници што се претставени преку политичките партии. Така што, ќе видиме која ќе биде волјата на македонскиот народ.

Целото интервју на Слободен печат ТУКА.

Back to top button
Close