Бујар Османи: Се крена цела пропаганда и државен апарат против нас, но народот е на наша страна
Во еден од најемотивните настапи досега, Бујар Османи, кандидат за градоначалник на Чаир – испрати порака дека борбата на 19 октомври не е само изборна, туку движење за достоинство и државотворност.
„Сите се кренаа против Алијансата на Интеграција која е најголемото обединување на Албанците во последниве 20 години. Се крена државниот апарат, пропагандата на тој апарат, за да не демонизираат, да измислуваат, да пропагираат со секојдневни клевети. Исто како пред 24 години. Но народот е со нас. Затоа што народот разбира дека сме доведени во ситуација на досега невидена закана,“ истакна Османи пред граѓаните.
Заканата, според него, не е само политичка, туку егзистенцијална, се удира врз идентитетот, достоинството и суверенитетот на Албанците во државата.
„Албанецот – но и не само Албанецот, по природа простува неправди и дискриминации. Но не простува кога ќе го понижиш во неговиот идентитет. Кога ќе му го згазиш достоинството, тогаш веќе го имаш турнат до ѕид,“ рече Османи, алудирајќи на политичката стратегија што стои зад ВЛЕН и нејзините поддржувачи.
Ова не е кампања, ова е отпор, рече тој, објаснувајќи зошто секој ден низ Чаир гледа енергија што не потсетува на ниту една друга изборна година.
„И тогаш се мобилизираат сите, и стари и млади, и партиски и непартиски, и жени и мажи – кои денес ги бројат деновите до 19 октомври. Бидејќи чувствуваат дека сакаат да не понижат, да не влечат за уши како народ,“ додаде тој, испраќајќи јасна порака до оние што сакаат Албанците да бидат само декоративна демократија.
Османи ја искористи метафората на домот за да ја опише длабоката фрустрација на граѓаните: „Ни го земаа суверенитетот, правото самите да одлучуваме. Ни ја земаа тапијата од нашата куќа. Од домаќини не претворија во подстанари во сопствениот дом“ – рече тој.
Тоа е причината, објаснува Османи, зошто мобилизацијата расте секој ден, особено кај разочараните гласачи на ВЛЕН.
„Секој ден ги среќавам оние тивки гласачи на ВЛЕН, кои денес се длабоко разочарани. Ми велат: ‘Бевме излажани. Ова не беше промената што ја баравме.’“ – заклучи Османи.