Бујар Османи: ВМРО-ДПМНЕ свесно избра слаб албански партнер за да го смени државниот курс
Кандидатот за претседател Бујар Османи обвини дека изборот на ВЛЕН како албански коалициски партнер во Владата не бил случаен, туку дел од поширока стратегија на премиерот Христијан Мицкоски за политичка контрола и промена на евроатлантскиот курс на државата.

Во објава на Facebook, Османи тврди дека слабеењето на албанскиот политички фактор било предуслов за, како што вели, „опасно скршнување на државата“ од интеграциите кон „српскиот свет“.
„Менување на триесетгодишната државна стратегија за интеграција не би била можно со силна, стабилна албанска коалиција предводена од ДУИ“, напиша Османи, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ имал потреба од „уценет и слаб албански партнер кој ќе молчи“.
Според него, нападите кон ДУИ не биле мотивирани од борба против корупцијата, туку служеле како алиби за да се ослабне албанското претставување и да се избере коалициски партнер кој може да се контролира.
„ДУИ не е партија што може да се контролира, ниту е партија која ќе молчи на напуштањето на деценискиот сон на Албанците за интеграција“, порача Османи.
Тој оцени дека Албанците во Владата немаат реално влијание и дека со нивен молк се случува, како што вели, „систематско отстранување на европската перспектива од националната агенда“, ревидирање на Охридскиот договор и доведување во прашање на принципот на бадентерово мнозинство.
„Албанците никогаш не биле и никогаш нема да бидат инструмент. Вистинската албанска политика не се мерела никогаш со функции, туку со принципи“, напиша Османи, повикувајќи на политичко обединување околу вредностите на еднаквост, достоинство и проевропска ориентација.
Во завршницата од пораката, тој најави дека следните избори ќе бидат референдум за тоа каква улога ќе имаат Албанците во државата.
„Ова не е партиска борба. Ова е борба за достоинството, за политичка еднаквост, за да се врати државата на вистинскиот пат“, заклучи Османи.