Бучковски: Немаше да има „ерга омнес“ ако побрзо го решевме спорот со Грција

Доскорашниот специјален пратеник на Владата за Бугарија, Владо Бучковски во вечерашната емисија „360 степени“ на ТВ Алсат рече дека од нашите горки искуства не научивме дека ако го решевме спорот со Грција во првите две до пет години, според него, сега ќе имавме далеку подостоинствено решение.

Ова тој го зборуваше во контекст на спорот со Бугарија и дека не смее да се остави и овој спор да трае 20 години.

-Немаше да имаме ерга омнес, немаше да го смениме Уставот. Или Нишкиот договор меѓу СПЦ и МПЦ, сте го споредиле со ова што сега го поздравуваме сите? Најголема доверба во нашето општество кај православните христијани има нашата Македонска православна црква. Споредете го договорот од Ниш и споредете сега 20 години подоцна. Тоа е порака и за оваа наша власт и за опозицијата – да не оставаат по 20 години, на генерациите политичари кои доаѓаат по нив, да ги решаваат проблемите, да не се плашат. Значи, Преговарачката рамка – осум-десет години. За осум-десет години да дадеме шанса и во Бугарија, наверојатно, ќе има поинаква политичка номенклатура, рече Бучковски.

Back to top button
Close