Бучковски по настаните во Бугарија: Франција треба да процени дали е ова погоден момент за да го претстави предлогот

Станува извесно дека бугарската влада предводена од премиерот Кирил Петков ќе падне, анализира за „360 степени“ универзитетскиот професор Владо Бучковски, кој е поранешен премиер и специјален пратеник на владата за Бугарија. По денешното разрешување на претседателот на Народното собрание на Бугарија, Никола Минчев, со 125 гласа „за“ од вкупно 240, колку што брои бугарскиот парламент, Бучковски вели дека потегот, дефинитивно, значи промоција на ново парламентарно мнозинство во Софија.

„Станува извесно дека владата на Кирил Петков ќе падне. Од вчера тече рокот, согласно нивниот Деловник, од најмалку три, а најмногу седум дена кога ќе треба да биде гласањето за доверба на владата во парламентот, иницирано од ГЕРБ на Бојко Борисов. Ако стигне француски предлог, шансите да се најде пред пратениците во нивната собраниска Комисија за надворешни работи сѐ уште постојат, но треба да се има предвид дека сегашното мнозинство, денеска промовираното, инсистира за евентуалниот предлог од француското претседателство да се расправа на пленарна седница, а не на собраниската комисија. Во оваа комплицирана ситуација, тешко е да се даде прогноза за збиднувањата во следните ден-два, но од друга страна француското претседателство постојано беше во контакт и со претседателот на Бугарија, Румен Радев, впрочем, пред една седмица кога претседателот Макрон разговараше со нашиот премиер Димитар Ковачевски, во истиот ден говореше и со претседателот Радев. Во ваква ситуација, кога Владата е пред промена, парламентот функционира сè до изборот на нови пратеници, така што варијантата дека може да се расправа за евентуален француски предлог постои сè додека бугарскиот парламент е во полн состав, а претседателот Радев, иста така, ќе има влијание во вакви околности“ вели Бучковски во изјава за „360 степени“.

Дали денешните случувања се во прилог или на штета на Северна Македонија, Бучковски вели дека неблагодарно е да се коментира. Во пресрет на јунските состаноци на врвот на Европската Унија, на 23 и 24 јуни, бугарските медиуми јавуваат дека Франција денеска официјално ќе го испрати предлогот за укинување на бугарското вето за Северна Македонија до земјите од ЕУ и дека утре Петков ќе го достави до Собранието.

Според професорот Бучковски, Франција најдобро ќе процени дали е погоден моментот за да се презентира предлогот, но посочува дека „ситно се брои“ до самитот.

„Нам би ни одговарало да го видиме францускиот предлог. Предлогот треба да биде компромис, свесни се веројатно од бугарска страна за тоа, независно кој што мисли, јасно е дека французите имаат активности подолго време. Од друга страна, факт е дека двапати во последните десетина дена имаше средби на тимовите од двете министерства за надворешни работи, предводени од Османи и Генчовска. Дури не се криеше дека е постигнат и некој напредок, во наводници. Така што, идеална ситуација за нас би било во пресрет на Советот на ЕУ да има обид француското претседателството да го претстави предлогот и да даде шанса на двата парламенти. Бугарскиот и нашиот парламент би требало да имаат време за изјаснување. Времето не ни е сојузник. Сепак, ако Франција процени дека нема услови, нема да го презентира предлогот“ вели Бучковски.

 

Back to top button
Close