Бучковски: Убеден сум дека ќе најдеме решение, но не за седум дена, можеби ќе треба повеќе време
Убеден сум дека ќе најдеме решение, но не за седум дена. Можеби ќе биде потребно дополнително време, но сме на вистинскиот пат, порача поранешниот премиер Владо Бучковски по средбата со министерот за надворешни работи Бујар Османи откако вчера беше назначен за специјален претставник на земјава во Бугарија.
Тој смета дека Северна Македонија има сериозни аргументи кои ги испорачала на другата страна, а воздржаноста односно „молкот“ на македонската страна во јавноста вели дека е добар. Не сакаше конкретно да открие кои чекори ќе се преземат во наредните неколку денови за да се фати возот за прва Меѓувладина конференција до крајот на годината.
„Јас заради моето искуство нема да прифатам со нашите бугарски пријатели да ги испраќаме пораките преку медиумите. Интензивно работи нашата комисија, имаме инструменти кои ги дава Договорот. Ако тие инструменти и досега се користеа немаше да дојде до оваа криза бидејќи според мене, затоа што ги слушам често и сугестиите и критиките кон нас, ние имаме сериозни аргументи кои се испорачани на другата страна. Се чекаат реакциите од другата страна. Го почитувам и она што го знам врз основа на слични кризни, молкот од наша страна. Кога се молчи е подобро за да дојдеме до посакуваното решение – изјави Бучковски на заедничката прес-конференција со Османи.
Експремиерот вели дека од бугарска страна, тој и уште еден бивш премиер Љупчо Георгиевски и професорот Денко Малевски се посочуваат како трите личности кои макотрпно се борат за исполнување на Договорот и затоа вели, имајќи го предвид неговото именување за специјален пратеник и бугарскиот Меморандум, пред нив е сериозен предизвик да го забрзаат спроведувањето на Договорот.
„Не само во делот на историските прашања, од друга страна и во инфраструктурните проекти, заедничките капитални проекти, соработката во образованието, културата … е голем предизвик и мислам дека амбициозниот план на МНР е дополнителен предизвик да настапиме во овој период кога не знаеме дали за една недела може да се случи чудо – рече Бучковски.
Тој уште еднаш порача дека не никаков ас од ракав или џокер, но го има искуството на своја страна.
„Се надевам дека со искуството и со довербата која ја имам и во бугарската јавност ќе бидам јасен сигнал за посветеноста на нашата влада во исполнувањето на обврските од Договорот. Со задоволство го прифатив предизвикот зашто сум убеден дека можеме да стигнеме до решение кое ќе го деблокира процесот, а од друга страна ќе биде во духот на европските вредности со целосно почитување на нашето достоинство – вели експремиерот, а сега специјален претставник на земјава во Бугарија.