Будалите секогаш оро водат!

Се разбира дека ова е само парафраза или мала модификација на насловот на шлагворт-текстот на Ордановски „Кога експертите молчат, будалите оро водат!“, но мојата перцепција, барем во случајот со културата, па и не само таму, е токму онаа од мојот наслов: кај нас, во културата, дури и кога експертите говорат, будалите оро водат! И тоа не е од вчера, поточно будалите кај нас, барем во културата, но и пошироко, го водат орото ако не цели три децении, тогаш барем половината сигурно. Или, ако сакате попрецизно: од онаа 2006 година, до денес – гарантирано, (без оглед што денес многу персони од омилениот им протогеровски маштаб самите си ставаат ордени за храброст за тој период).

Денес ретко кој како Ордановски јавно ги спомнува „будалите кои оро водат“, дури напротив, власта, сегашнава, „на сва уста“ божем ги повикуваше сите стручни поединци да се вклучат во решавањето на натрупаните проблеми во државава, ама сето тоа останува само на повикот, до мигот додека експертските мислења не им ги посочат погрешните „политики“. И тука завршува се’. Тука повторно превземаат „ороводците“ – оние апострофирани во насловот. Но, се разбира, не е ова проблем само на културата, туку на целото општество. Ние имаме генерален проблем со стручноста, со експертизата, со знаењето… Бивши уличари денес ни се министри, понављачите ни се директори! Не е само актуелнава ситуација со пандемијата иницијалната каписла во здравството, или сличниот пандемиски „вирус“ во заштитата на културното наследство, или полуписменоста во образованието и неукоста во науката. Независниот академски синдикат (НаКС) предупредува дека исклучително ниското издвојување од 0.35% од БДП за истражување и развој ја рангира Северна Македонија на дното во Европа. А сепак, што ако издвојувањето за културата е повисоко кога не можете да видите каде одат парите? И? Ништо, молк, партократијата едноставно не трпи друго мислење, особено ако е стручно односно спротивно на нејзиното! Уште потажна е вистината дека дури и стручноста, кога е партизирано вгнездена на раководна функција побудалува и се фаќа во орото на будалите! Здравството односно оваа криза ни е типичен пример за тоа. Но и образованието. Та зарем уште во оној февруари не и’ беше јасно на онаа Комисија што не’ чека? Или, ако сакате, цели осум месеци сите надлежни за образованието во државава кмишеа дома или дремеа на работните места, вклучувајќи го и фамозноно Биро за развој на образованието, а за децата им текна петнаесет дена пред започнувањето на наставата. И им смислија некакви сулуди протоколи за физичка настава, а „в оган“ први ги фрлија најмалите: прволачињата и оние до трето одделние! И сето тоа помина без оглед на одделни коментари (не само) во стручната јавност, без соодветна аргументација…

За волја на вистината, премиерот на почетокот на овој мандат побара поддршка од сите стручни луѓе во државава, експертска помош којашто би била добредојдена во сите сегменти на општеството. Истото го повтори и министерката за култура. И? Сега и шефот на Секретаријатот за Европски прашања вели дека ќе ни требале барем 4.000 стручни луѓе за идните пристапни преговори со ЕУ. И? Каде ќе ги бараат, во партиските редови?

Сакам да кажам: донекаде држи констатацијата дека експертите во многу ресори можеби молчат. Иако не сите и не секаде, најмалку во науката, образованието, културата, па и економијата… Но проблемот не е во експертите, проблемот е дали некој е подготвен да го чуе нивното мислење. Барем да го чуе, па нека не го земе предвид, нека го отфрли, но аргументирано, со стручно образложение. За културата можам со полна одговорност да потврдам дека уште од 2007 година редица слободоумни експерти укажуваа на сите погрешни потези на Министерството за култура, на сите погрешни политики во културата, на дивјачкото арчење на сите ресурси, на партизацијата на културата… но и на молчењето на опозицијата (денес власт). И? Будалите го продолжија своето оро. Дали денес е нешто поразлично? Не знам, не сакам да сугерирам, нека процени јавноста. Но доволен е еден, и само еден сегмент од тие некогашни културни „политики“ што беа отворено, дури и по скапо платена цена, критикувани од неколкумина: СК 2014! Дали денес нешто се промени? Се промени само тоа што една цела булумента самонаречени активисти кои 3-4 пати прошетаа со „Шарената револуција“ и фрлија една кесичка со боја станаа партиски експерти за култура, за медиуми, за образование, за се’ и сешто. Дури, еден познат „колумнист“ со сите сили се обидуваше да не’ убеди дека не било битно кој „прв излегов во партизани“, сите сме биле исти. Е па не сме, извинете, не сме исти. Како што не с(м)е ни денес: таквите (повторно) се „експерти“ за се’ и сешто, а вистински стручните луѓе се (повторно) непожелни!

Оттука, не сум докрај убеден во првиот дел од тезата за молчењето на експертите, но вториот – оној за будалите и орото – е дефинитивно наше секојдневие. Добро, и не само наше, ги гледаме како се вијат тие ора и низ соседството, дали во форма на „ситно српско“, или „шота“, или „шопско“ и „право хоро“… сеедно. И немам ништо против ората, тие ни се традиција за којашто, сепак, јас многу не придонесувам, но – орото на будалите да ни стане современ заштитен знак на државата е сепак премногу, нели? Да не треба и да го заштитиме како културно наследство, во УНЕСКО? Ете, сега имаме и нова Национална комисија!

 

Златко Теодосиевски

Back to top button
Close