Бугарија ќе субвенционира двојно повеќе студенти од Македонија

Двојно зголемени се државните субвенционирани места за прием на студенти од Северна Македонија во бугарските високообразовни институции – од 150 на 300. До пет студенти ќе можат да ги продолжат докторските студии како редовни.

Ова денеска го одлучи бугарската влада со измена на уредбата за прием. Потребните дополнителни 530 илјади лева ќе се обезбедат од државниот буџеt

Амандманите усвоени денеска ги предложила Меѓуресорска работна група за пријавување и прием на студенти од Северна Македонија во јавните високообразовни установи, која била формирана во септември годинава.

Измените на друга владина уредба им овозможува на студентите од бугарската дијаспора кои немаат документ за бугарско државјанство да аплицираат на бугарските универзитети. Станува збор за луѓе од бугарска националност кои го користат бугарскиот јазик и се идентификуваат како Бугари. Тие мора да потекнуваат од населба што била дел од бугарската држава или Бугарската егзархија во минатото, да имаат роднини со имиња од бугарскиот традиционален систем на семејни имиња или да бидат дел од бугарска заедница или бугарско малцинство во друга земја.

Истите права ги добиваат и кандидатите од бугарска националност, но без бугарски пасош, доколку имаат посебни заслуги за зајакнување на бугарската духовност, за зачувување на националниот идентитет, животот и културата меѓу бугарските заедници во странство, се вели во соопштението.

Студентите од бугарската дијаспора се ослободени од аплицирање и школарина доколку се државјани на Албанија, Казахстан, Косово, Република Молдавија, Република Северна Македонија, Србија и Украина. Измените стапуваат на сила во учебната 2022/2023 година.

Back to top button
Close