Бугарија на КОРЕПЕР: Софија уште не може да се изјасни за преговарачката рамка

Предлогот на Франција за прв пат дава сериозен одговор на бугарската загриженост и може да доведе до задоволително решение и поради оваа причина бугарската влада одлучи да го претстави на разгледување во парламентот, рекол синоќа бугарскиот претставник на состанокот на Комитетот на постојани претставници во ЕУ (КОРЕПЕР), кој се одржа како подготовка на претстојните самити на 23 и 24 јуни, извести БГНЕС.


Бугарскиот претставник се заблагодари „за дипломатските напори направени од француското претседателство, како и за разбирањето што партнерите од ЕУ го покажаа кон бугарската чувствителност на темата“. Тој истакна дека властите во Софија напорно работат на изнаоѓање решение за спорот меѓу Македоника и Бугарија, но посочи внимание и на сложената политичка ситуација поврзана со изгласувањето недоверба на кабинетот на премиерот Кирил Петков. Тој повика на разбирање и нагласи дека Бугарија не може да изрази конечен став до крајот на неделата.

На состанокот еврокомесарот за проширување Оливер Вархељи изрази целосно разбирање за домашната политичка ситуација во Бугарија. За време на дискусијата, неколку земји, меѓу кои и Шведска, изразија целосна поддршка и разбирање за позицијата на Бугарија. Според нив, многу е важно заклучоците на Советот да се однесуваат на веќе потпишан билатерален протокол.

БГНЕС потсетува дека Бугарија разгледува пакет од три главни елементи – преговарачката рамка за Македонија, заклучоците на Советот на ЕУ што треба да се усвојат на самитот и билатералниот протокол што треба да го Софија и Скопје. Медиумот додава дека во текот на дебатата станало јасно дека има прелиминарен договор за билатералниот протокол, но тој се уште не е потпишан. Според БГНЕС Бугарија смета дека е многу важно тоа да се случи во наредните денови, но исто така Бугарија нагласува дека предложената формулација за македонскиот јазик не се совпаѓа со Рамковниот став на владата.

Францускиот предлог за тргање на ветото, односно преговарачката рамка за Македонија утре ќе биде разгледан од бугарските пратеници во собраниската Комисија за надворешна политика. Утре е и гласањето за доверба на кабинетот на Петков.

Back to top button
Close