БУГАРИЈА НЕ МОЖЕ ДА БЛОКИРА, ДУРИ И ДА САКА
м-р. Глигор Стоименов
“Но добро, зошто Вашата стручна јавност не им објаснува повеќе на граѓаните како стојат работите околу започнувањето на преговорите и каков бенефит е тоа за Вас“?? Ме праша пред нешто повеќе од месец дена вториот човек во амбасадата на една од најмоќните земји во ЕУ, секако во својство на наши пријатели и поддржувачи!

Каква стручна јавност бе?? си велам во себе пред да му одговорам!
Почитувани, сум забележал дека е многу тешко да му објасните на некој кој не е од овде l, а да Ве разбере целосно за ситуацијата во која се наоѓаме како држава затоа што повеќето дипломати размислуваат горе доле на идентичен начин, односно тргнуваат со добри намери! Во нивните држави каде што постои стручна јавност, се тргнува од претпоставката дека таа јавност се труди на секој начин да ја доближи максимално вистината и фактите до граѓаните, а не обратно, како кај нас! Но за воља на вистината кај нас ниту има стручна јавност ниту има добри намери! Сите се некако во дупка скриени, секој фатил некоја страна, други пак држат некоја тезга и не сакаат да се експонираат, велат за кого, за овој народ, ма не вреди тоа? Можеби се тотално во право. Многумина мои добронамерни пријатели ми кажале сто пати, “Абе на кого објаснуваш за преговарачката рамка, за Францускиот предлог, за ЕУ, за сето тоа, мислиш дека многу му е гајле на народот за тоа??
Можеби се во право? .
Како да објаснуваш наспрам оваа “заглупувачка“ пропаганда околу преговорите со ЕУ која трае веќе извесно време! Како да објаснувате кога министерот за надворешни работи ќе излезе и ќе рече дека нема да преговараме за јазикот и идентитетот, божем некој ни бара да преговараме околу тоа. Па кој ни бара за тоа да преговараме?? Ниту некој ни бара идентитет ниту пак преговараме околу тоа, тоа е веќе затворено прашање и не постои како предизвик, ама на кој да му објасниш и кој да верува?? Како да објаснувате кога претставници на највисокит државен врв му велат на народот дека Европскиот парламент ни го земал идентитетот!! Тоа е манипулација која допира силно до народот затоа што е едноставна за слушање и прифаќање, едноставно “лепи“ како што велат некои. Инаку жално е што јавната дебата околу овие прашања по медиумите се одвива на исто ниво како на муабети во кафеана, онака со две ракии! Ќе излезе некој “експерт“ и вели зошто да почнеме преговори кога Бугарија пак ќе не блокира кога сака, друг вели ќе ни ја земат историјата и идентитетот, третиот пак не знае ништо околу преговорите и вели дека не треба да брзаме затоа што ЕУ ќе се распаднела!! Тоа е нивото, за жал многу ниско ниво на јавна дебата со отсуство на елементарно продлабочено знаење. Оние невладините организации пак “ниту атар кршат ниту работа вршат“! Ги интересираат само проекти! Еден куп има такви поврзани со ЕУ интеграциите, ама резултати нула, освен проекти, се разбира!
Но како да не е така кога и првите луѓе во државата кои се најповикани да бидат локомотива на овој процес се всушност најголеми кочничари на сето ова. Мојата почитувана професорка, сега претседател на државата како да се загуби во сето ова, односно во својата улогата на претседател на државата. Зборува нешто неразбирливо, држи некои лекции на сите страни, објаснува како требало да се прават Извештаите на ЕУ во иднина, многу работи од материјата забележувам дека ги подзаборавила, како она за вториот протокол, едноставно не гледам никаква корист од тоа што е претседател на државата. Другиот кој е најповикан овие процеси да ги влече напред, премиерот, тотално е заглавен во некоја ригидна партиска ролја, како да е уште опозиционер! Како да не може да разбере дека е премиер на сите граѓани, прв меѓу останатите кој е повикан да го штити Уставот и законот. За жал деновиве постојано го гледаме како се опседнал и се пресметува со една судијка од Уставниот суд околу пензиите! Само затоа што таа се дрзнала да го брани Уставот и законот. Дали свесно или ненамерно со своите настапи “дека некој нешто им зема на пензионерите“ креира една состојба на јавен линч, па утре некој пензионер “луди милојко“ не дај боже ќе ја утепа на улица судијката затоа што му ја земала пензијата! Ова не е смешно туку жално! Но стручната јавност не го поставува прашањето и не им објаснува на пензионерите каде тоа во светот постои систем на линеарно покачување на пензии? Сите знаат дека висината на пензиите се пресметува во зависност од тоа колку сте издвојувале во фондот за време на Вашиот работен век, така е секаде во светот, сето друго е само гол популизам за мафтање на народот и ништо повеќе. ВМРО-ДПМНЕ како најголема и носечка партија во владината коалиција исто така место да биде кормилар на бродот кој ќе не однесе кон мирни, просперитетни и извесни “води“ тие управуваат кон некои чудни правци, господ знае каде. Тука се сложувам со нивниот прв претседател кога вели дека се повеќе делуваат како засебна “филијала на српската официјална политика“ на овие простори. Ех, да станат сега војводите, да видат што се случува со организацијата, како што милуваат овие новите да ја нарекуваат партијата, затоа што они биле “континуитет“ нели, ама гледате каков “дисконтинуитет“ човече!!! Го чувствува тоа и нивниот поранешен претседател колку се слаби, особено на економски план каде што е алармантна ситуацијата во сите сектори, едноставно “пари нема“, па се обидува некако од Будимпешта да им помогне, но тешко е тоа.
Во една ваква политичка и општествена рапсодија Вие треба да бидете на страната на вистината, на правдата и тоа да им го објаснувате на луѓето, тешко е, многу тешко, но нема предавање!!
Зошто Бугарија не може да не блокира во текот на преговорите!
Во 2022 година, со огромен ангажман на меѓународната заедница особено на Франција и Германија како носечки земји на ЕУ, се направи силен притисок врз Република Бугарија да се откаже од своите барањата во нивната Декларација изгласана во парламентот, а се однесуваше на нас, навистина многу тешки барања од нивна страна за да ги отпочнеме преговорите со ЕУ. Во тоа се успеа. Бугарија се откажа од првичните барања и предлози. Компромисот кој беше прифатен од наша страна се сведе само на тоа да ја вметнеме Бугарската заедница во Уставот и да ги отпочнеме преговорите веднаш. Притисокот таму од страна на Бугарската опозиција беше далеку порадикален и поголем од нашиот притисок овде. Го следев Бугарскиот парламент и добро паметам кога еден пратеник од Бугарската опозиција рече доколку помине овој предлог кај нив тогаш, го цитирам “Дали сте свесни дека со оваа Преговарачка рамка “Македонизмот“ победи и никој веќе нема да го спречи“, извика тој силно!!
Таму го разбраа предлогот ама овде изгледа не сакаа да го разберат. Тогашната наша опозиција носена на крилјата на популизмот и желбата да се врати на власт не сакаше заеднички да учествува со владините претставници во разговорите околу преговарачката рамка. Тие едноставно ги одбија сите предлози да се приклучат, со дел од предлозите се сложуваа и речиси ги прифатија, но некоја “невидлива рака“ наеднаш ги предомисли, па иако беа молени на колена од страна на владата на крајот се откажаа. Но исто така беа молени и од страна на дипломатите во земјава да земат активно учество во овие процеси, за тоа има и докази кои Ви ги кажуваат секогаш во лице дипломатските претставници овде кај нас. Со ова впрочем треба да се демантира и разобличи една голема невистина и лага дека некој на своја рака го прифатил Францускиот предлог! Не, тоа не е така, опозицијата беше “молена на колена“ да се вклучи. Но тие проценија што е тоа што им носи политички поени и така постапија. Гол популизам, сосема штетен за државата и за сите нас. Важно беше само тие да останат патриоти и да не споделат никаква одговорност за она што мораше да се направи за иднината на оваа држава. Цената за ова веќе ја плаќаме сите, многумина се уште не ја почувствувале но допрва ќе ја чувствуваат.
Политика на самоблокирање!
Не знам зошто владините претставници кога одговараат на прашања поврзани со почеток на преговорите постојано наметнуваат една погрешна теза дека еве се работи на доближување на ставовите со Бугарија и на одблокирање на процесот на преговори.
Како прво, ние веќе немаме никаква блокада од страна на Република Бугарија и тоа прашање го затворивме во 2022 година. Ние и Бугарија се согласивме на договореното во рамките на преговарачката рамка и тоа е тоа. Бугарија се согласи да го тргне ветото доколку ја вметнеме Бугарската заедница во Уставот. Тоа е меѓународен договор меѓу две страни поддржан од официјален Брисел. Ние сега едноставно немаме блокада туку имаме самоблокада, односно ние се самоблокираме со тоа што не сакаме да спроведеме нешто на што сме се обврзале како држава. Многу е едноставно сето ова.
Преговарачката рамка за волја на вистината е документ кој нас ни одговара од повеќе аспекти. Само тој што не разбира или не сака да види или процени нема да го направи тоа. Во интересите на партиските штабови нема сега овде да навлегуваме, овде се бавиме со факти и аргументи.
Преговарачка рамка!
Нашиот најголем страв, бар таква е перцепцијата во јавноста, е тоа дека Бугарија може во секое време во текот на преговорите да не блокира поради историски прашања, па чуму сега ние да ги ставиме во Уставот?? Тоа е онаа позната мантра околу која се кршат копјата но се користи и доста често за да се манипулира нашиот народ.
Но како стојат работите??
Имено, Преговарачката рамка што ја усогласивме со другата страна и со официјален Брисел во основа ги одзема или ги прави сосема безпредметни можностите некој да не блокира за историски теми, односно за прашања кои се надвор од тематските поглавја. Преговарачката рамка не е така направена за да може тоа да се случува, односно некој да не блокира за прашања вон предметот на преговори. Овде ќе се обидам на кратко со поедноставни зборови и разбирливо да објаснам околу методологијата на преговарање со ЕУ.
Имено, Преговарачката рамка како и другите преговарачки рамки до сега (ова не е само за нас) се состојат условно од два дела.
Првиот дел е оној во кој се содржани основните барања и обврски ткн, Копенхашки критериуми кои мора како страна апликант да ги исполниме. Во делот на Копенхашките критериуми освен стандардните критериуми, за нас во рамките на добросеседски односи предвидени се и вметнати и обврските за почитување на Охридскиот, Преспанскиот, како и Договорот за добрососедство со Р.Бугарија, тоа се наши обврски согласно Копенхашките критериуми. Во договорот за добрососедство со Бугарија (член 12) се предвидува исто така формирањето на Историската комисија меѓу двете страни. Околу работата и динамиката на оваа историска комисија се предвидени посебни правила, односно периодични годишни извештаи кои се прецизирани во протоколите, кои пак се дополнување и појаснување на основниот документ односно Преговарачка рамка. Таму во прецизирањето на тие правила во рамките на протоколите, (1и2) е предвидена согласноста на двете страни во утврдување на историските факти, (Македонската и Бугарската страна), но таму нема никакви рокови и сето тоа нема допирна точка со преговорите по кластери, тоа е сосема друго прашање.
Согласно новата методологија на преговарање предвидено е да има 6 кластери. Пред воведувањето на новата методологија постоеја само поглавја (35 поглавја). Кластерите се всушност збир на сродни поглавја, тие може да се отворат наеднаш но секое поглавје односно неговото отворање и затворање е засебно. Но да не го обременуваме текстот со детаљи да видиме што е важно за нас?? Битно е дека се понатаму се одвива меѓу земјата кандидат и Европската комисија.
Имено, кога ќе ги почнеме преговорите по кластери се потоа зависи од нас, од нашите институции, капацитетот на нашите институции, нашата волја и нашата спремност како ќе се движиме низ преговорите. Секоја земја членка понатаму, не само Бугарија, може да даде приговор до Европската комисија во врска со нас, ама внимавајте, само по одредени тематски поглавја, односно доколку не ги имплементираме, може и да не вратат назад повторно и по затворање на одредено поглавје до колку не го имплементираме она што сме го договориле. По однос на приговорите кон земјата апликант од страна на земја членка одлучува Европската комисија. До колку Европската комисија го прифати приговорот тоа потоа оди на верификација или одобрување кај Европскиот Совет кој одлучува со квалифицирано мнозинство од (дветретини). Поглавјата се отвораат и затвораат по проценка на Европската комисија на меѓувладина седница два пати годишно и таму е просто неверојатно дека може да добиеме вето за историски прашања! Отворањето и затворањето на поглавјата е поврзано со областите и темите за кои преговараме и нема таков механизам кој би го користела потоа Република Бугарија за да не блокира за историски прашања. Едноставно тоа не е можно. Во ситуација кога имате затворено поглавје од страна на Европската комисија и Европскиот совет, не постои аргумент за вето за историски прашања кои не се поврзани со тематските кластери, кои се сосема посебна приказна. Државите не го користат тука механизмот на вето за прашања вон тематските поглавја!
Значи за нас во овој случај е најбитно тоа што правото на вето не се користи во текот на преговорите по кластери за теми кои се надвор од поглавјата!
Голема лага и манипулација е тоа дека Бугарија кога сака во текот на преговорите ќе не блокира. Не може да го направи тоа па дури и да сака затоа што околу работата на Историската комисија се предвидени други механизми и правила и поинакви рокови кои не се поврзани со тематските кластери.
Следната можност кога Бугарија би можела да ни стави евентуално вето е дури од кога ќе ги завршиме преговорите, односно пред приемот во полноправно членство, во периодот на поединечно одобрување на приемот од страна на секоја земја членка. Но тоа ќе биде многу тешко, со завршени преговори некој да Ве блокира, многу тешко. Особено земја која се обврзала дека нема повеќе услови да наметнува, освен внесување на Бугарската заедница во нашиот Устав. Во меѓународните односи вакви официјални изјави на земјите членки на кои што се обврзале тие самите, претставуваат сериозен извор на правото исто така.
Почитувани, ова се факти и секој кој е запознат со оваа област ќе Ви го објасни истото. Со започнување на преговорите Бугарија дури и да сака нема таква можност да ни стави вето, а и зошто би сакала? Ние треба да престанеме со онаа погубна ментална матрица секогаш да живееме во претпоставки, “што ако“, и ништо да не превземаме поради тоа. Треба да престанеме да произведуваме “гневен Македонец“ и “нација со посебни потреби“ на која секогаш и треба некој да ја брани. Никој нема да ни даде гаранции!! Само нашата мудра и паметна политика е единствената гаранција! Нашиот народ и нашата младина мора да знаат за цената што ја плаќаме за оваа политика, мора да знаат колку сето ова скапо го плаќаме и како тоа се одразува на квалитетот на нашиот живот и иднина овде.
Никој нас ниту ни го бара ниту ни го зема идентитетот, јазикот, нашата култура, обичаи итн.
Ама баш никој, сето тоа е една голема “обмана“, кон нашиот народ, времето само ќе покаже зошто се правело тоа!!!






