Бугарија од среда целосно ги затвора границите и за македонските државјани

Се наведува дека одлуката е донесена поради влошената епидемиолошка ситуација во Бугарија и во Европа. Станува збор за забрана за влез за сите таканаречени неесенцијални патувања, а исклучок ќе има за медицинските лица, хуманитарните работници, студентите, лицата со регулиран престој, делегациите.

Македонското Министерство за надворешни работи соопшти дека е во постојана комуникација со надлежни институции во Бугарија и колегите во бугарското Министерството за надворешни работи со цел замена на постојното решение, кое може да предизвика сериозен застој во интензивната комуникација на граѓаните од двете земји.

„Информираме дека до почетокот на имплементацијата на целосната забрана на 19 јануари очекуваме напорите да вродат со плод и постојното решение да биде заменето со нова одлука со која нашите државјани ќе може да влезат во Република Бугарија и за таканаречените неесенцијални потреби, и тоа со сертификат за извршена вакцинација или прележана болест и негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа. Во кој било случај условите за влез на малолетни лица од 12 до 18 години исто така се променети и тие исто така ќе треба да ги приложуваат горенаведените документи при влез. За лицата што не ги почитуваат опишаните правила следува 10-дневен карантин“, информираат од МНР.

Министерството ги предупреди граѓаните што планираат да патуваат во Република Бугарија од задутре, 19 јануари, па натаму, внимателно да ги следат официјалните објави од Министерството за надворешни работи, со цел да не се доведат во ситуација да бидат вратени од страна на пограничните власти во Бугарија.

Back to top button
Close