Бугарија: Владата во оставка со церемонија ги пречека новите F-16, САД бараат фундаментална трансформација на бугарската армија
Речиси половина од бугарскиот владин кабинет во оставка присуствуваше денеска на официјалното претставување на сите осум изтребители F-16 Block 70 во авиобазата „Граф Игнатиево“, набавени според првиот договор со САД. Иако последните две машини пристигнаа пред два дена, сепак и на оваа церемонија изостанаа најавените демонстративни летови, наведува бугарски Медиапул.

На настанот присуствуваа министрите за одбрана, внатрешни и надворешни работи, транспорт, како и вицепремиерот Томислав Дончев и вршителот на должност амбасадор на САД, Мартин Мекдауел. И покрај оптимизмот, процесот на нивно прифаќање е следен со недостиг на доволно јавни информации, а претходно беа утврдени технички проблеми кај две од машините кои наводно се веќе отстранети, посочува бугарскиот медиум.
Министерот за одбрана во оставка, Атанас Запрјанов, истакна дека ќе бидат потребни најмалку две години пред бугарските воздухопловни сили целосно да ги усвојат овие авиони за борбени дежурства, до кога земјата ќе се потпира на старите советски МиГ-29. „Ова е красноречив израз на развојот и продлабочувањето на стратешкото партнерство меѓу Бугарија и САД. Очекуваме и возилата ‘Страјкер’ во почетокот на следната година, а претстојат и преговори за брегови систем за заштита на нашето море“, изјави Запрјанов.
Министерот дополнително посочи дека оперативната соодветност на новите авиони со аналогните системи на НАТО гарантира ефикасна соработка со сојузниците во колективните операции. Тој потсети дека оваа борбена платформа е веќе на вооружување во Турција, Грција, Романија, Полска и Словачка.
Мартин Мекдауел од американската амбасада порача дека пристигнувањето на авионите ќе ја подобри стабилноста во Црноморскиот регион, но нагласи дека е неопходна „фундаментална трансформација“ и модернизација на бугарските вооружени сили, како и постојани внатрешни реформи кои ќе бидат поддржани од сите институции.
Бугарија досега инвестираше околу пет милијарди лева (приближно 2,55 милијарди евра или 2,68 милијарди долари) за вкупно 16 ловци. Сепак, работата на инфраструктурата во базата, која ќе чини многу повеќе од првично планираните 300 милиони лева (околу 153 милиони евра или 161 милион долари), се одвива со големо забавување, а дополнителен предизвик е бавната обука на пилотите – до октомври, Бугарија располагаше со само двајца целосно обучени пилоти за овој тип на авиони.






