Бугарија во администраторски шинел

Веќе станува сосема јасно дека идејата за обединување на Европа и ширење на европските вредности доживува значајно назадување со бугарското блокирање и саботирање на европските аспирации на Македонија.

Но, иако ЕУ ризикува да стане неверодостојна во исполнувањето на ветувањата кои ги дала, проблемите од ваков вид тешко излегуваат од билатерален контекст. Македонија е таа, како што вели сега европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји, која „треба да направи дополнителни напори да излезе во пресрет со бугарските стравувања и да се обиде да најде решение кое е еднакво прифатливо за двете земји“.

Во исто време, Бугарија, со својата деструктивна политика кон проширувањето на ЕУ, недвосмислено покажува дека длабоко се вовлекува во контровезите околу линииите на раздвојување во однос на политиката на сеќавање во Источна Европа. Тоа секако може да се толкува и како уште една потврда дека сеќавањата на периодот на комунизмот повторно стануваат жешко геополитичко бојно боле.

И во „старата“ и во „новата“ Истона Европа чувствителните прашања поврзани со сеќавањата од комунизмот претставуваат феномен што го следи и самиот процес на ЕУ-проширувањето. Процес кој всушност станал компликувано и оптоварувачко прашање околу комунистичкото минато и политиката на сеќавање како во поновите ЕУ-членки, така и кај нивните соседи. Бугарско-македонските искуства поврзани со заострување и одмрзнување на соседските односи, односно градење на „добрососедство“ во услови на промени на геополитичките состојби, претставуваат мошне добар пример, со реперкусии пошироко во регионот.

Тековните дискусии околу можностите за осмислување на заедничко европско сеќавање повеќе се фокусираат врз една посакувана европска солидарност, отколку врз новите разидувања и борби за превласт и доминација на европскиот континент. Разликите во гледиштата посебно дојдоа до израз во дебатата што се заостри во 2005 година, по повод одбележувањето на 60-годишнината од победата над фашизмот. Тој јубилеј практично се најде во средиштето на неспоивите гледишта на источните и западните Европејци околу сопствената модерна историја. Со проширувањето на ЕУ кон Исток, под знак прашање беше доведен повоениот консензус на Западна Европа, бидејќи за некои нови ЕУ-членки договорот од Јалта не ја симболизира победата на сојузниците над нацизмот, туку поделбата на Европа што доведе до тоа половина од континентот да биде препуштен на четиридецениско комунистичко угнетување.

Главната цел на посетата на Путин на Гданск, на собирот на европските лидери на 1 септември 2009 година, по повод 70-годишнината од нацистичката инвазија на Полска, всушност беше да се спречи ревизионизмот на историјата на Втората светска војна, на големата победа и „ослободувањето на Европа“. Но историјата, сепак, сè почесто се користи како геополитички аргумент.

Европските држави кои учествувале во Хитлеровата фашистичка коалиција настојуваат да го заборават својот придонес, доброволен или принуден, во нацистичките злосторства. Во повоениот период дури и земјите кои ги врзале своите територијални амбиции и претензии со агресивните планови на Хитлер, се обидувале себеси да се видат и како жртви кои треба да бидат прочистени од фашистичкото минато. Фашизмот всушност требало да биде претставен како изолирана епизода во историјата на нацијата, предизвикан од надворешна сила и специфични агресивни околоности.

Селективната меморија во некои поранешни земји од источниот советски блок, неретко се темели врз негаторскиот однос кон антифашистичката традиција. Во таа смисла, бугарската министерка Захариева упати критика кон Македонија дека сè уште ја слави личноста на Тито и дека не расчистила со сеќавањата од периодот на неговата диктатура. Но Захариева распадот на Југославија го доживеала од дистанца, како петнаесетгодишна средношколка, исфрустрирана поради репресивниот систем и изолираноста на нејзината татковина која сè дотогаш беше приклештена во источниот лагер зад Железната завеса. Затоа не е воопшто чудно што го мрази споменот на Тито, еден од симболите на антифашизмот во 20-тиот век, нарекувајќи го „мрачен диктатор“. Оти има еден парaдокс во однос на југословенската хаварија, кој денеска лесно се заборава. Она, по што Захариева само љубоморно можела да копнее, беше чувството дека Југославија, (а во нејзините рамки секако и Македонија), многумина ја доживуваа како Запад во минијатура, со кока-кола, џинс и поп-музика, односно со еден поинаков идентитет мошне поблизок до Европа и Западот.

Проширувањеѕо на ЕУ создаде потреба од транснационален, заеднички наратив околу европската историја, бидејќи во некои нови ЕУ-членки, според примерот на Бугарија, популистичкиот национализам го користи комунистичкото минато како политичко оружје. Но селективниот пристап во историографијата секогаш се сопнува врз фактите. Сивите нијанси кои зрачат од фотографијата на Цар Борис, кој се ракува со Хитлер со при пристапувањето на Бугарија кон Тројниот пакт, тешко дека може да се означи со нешто друго освен со „киднапирање“ на прашањето за „еден народ поделен во две држави“, прашање кое требало да се реши со воена окупација. Таа мрачна епизода од сопствената историја Бугарија сака да ја „ублажи“ во проширената ЕУ, обидувајќи се да наметне нијансирано „историографско толкување“, дека, всушност, Цар Борис Трети му пружил рака на Хитлер, но не во окупаторски, туку во еден полежерен „администраторски“ шинел.

Ивица Челиковиќ

Back to top button
Close