Бугарија запрела над 21 тон пиперки од Македонија поради пестициди, дел ќе бидат уништени


Бугарските власти во период од еден месец запреле две пратки со вкупно над 21 тон пиперки со потекло од Северна Македонија, откако лабораториските анализи покажале остатоци од пестициди над дозволените нивоа.

Според информациите на Бугарската агенција за безбедност на храната, во последниот случај биле запрени 9.502 килограми пиперки од Северна Македонија. Пратката не била дозволена за пуштање на пазарот на Европската Унија, а производите се насочени кон уништување.

-Претходно, во август, бугарските власти запреле уште една пратка од 11,6 тони пиперки од Северна Македонија. По извршените контроли и лабораториски анализи, пратката била вратена во земјава.

Со тоа, во двете одделни пратки биле запрени повеќе од 21 тон пиперки од Северна Македонија.

Во исто време, сличен случај е регистриран и во Хрватска, каде биле уништени 14,7 тони црвени пиперки со потекло од Албанија. Лабораториските анализи покажале концентрација од 0,050 милиграми на килограм од фунгицидот проквиназид, чија употреба не е дозволена кај пиперките.

Претходно, на 7 септември, била регистрирана уште една пратка со пиперки од Албанија која поминала преку трговец од Северна Македонија. Трговецот, според објавените информации, ги купил пиперките од албански земјоделец со намера повторно да ги извезе во Хрватска и не бил запознаен со нивото на пестициди во производот.

Вкупно, надлежните органи во Бугарија и Хрватска блокирале повеќе од 35 тони пиперки со потекло од Северна Македонија и Албанија.

Back to top button
Close