Бугаринот Врабевски, донатор на “Цар Борис Трети” донирал и за Битолски монмартр

Бугарскиот бизнисмен Милен Врабевски, кој ги финансира бугарските клубови во Битола и Охрид, финансиски го помогнал и Детското ликовно студио ,,Свети Кирил и Методиј” во Битола. Веста дека вчера тој го посетил и финансиски го помогнал студиото е објавена на страницата на неговата Фондација ,,Бугарска меморија”, пишува Фокус.

-Основачот и претседател на Фондацијата ,,Бугарска меморија” ги посети нашите пријатели од Детското ликовно студио ,,Свети Кирил и Методиј” во Битола, и финансиски го помогна здружението. Потсетуваме, неодамна Република Северна Македонија ја запре државната субвенција на студиото. На лето учениците цртаа во Пловдив и Софија, финансирани од д-р Врабевски, а сега им претстојат нови посети во Бугарија и Брисел, организирани и финансирани од него – објави Фондацијата.

И Славчо Неделковски од битолското студио ја потврди веста дека д-р Врабевски е нивни соработник и партнер, кој вчера ги посетил, и јавно му се заблагодари на поддршката.

 

-Во посета на Детско ликовно студио ,,Свети Кирил и Методиј” Битола денес беше нашиот соработник и партнер во реализацијата на најновата детска ликовна колонија во Бугарија – Претседателот на Фондацијата ,,Бугарска Меморија” – Милен Врабевски. Врабевски го посети студиото информирајќи се од прва рака за проблемите со егзистенцијата на 55 годишната организација кои ги наметна Министерството за образование и наука на Северна Македонија.

 

При кратката посета беше истакнато дека по учеството на ученици од приватното школо на Врабевски на ,,Мал Битолски Монмартр 2022″ и организацијата на ,,Малиот Монмартр во Пловдив 2022″ соработката преминува во трајно партнерство и јасно беше констатирано дека Детско ликовно студио ,,Свети Кирил и Методиј” Битола и неговиот над 40 годишен светски детски ликовен бренд ,,Мал Битолски Монмартр” мора да опстојат затоа што визијата и мисијата на ликовниот педагог Коста Хаџи-Антоновски се глобални вредности за цел свет.

Претседателката Хаџи-Антоновска и Претседателот на Управниот Одбор Неделковски се заблагодарија на Врабевски што во овие пресудни времиња на дело ја манифестира поддршката кон младите талентирани ликовни уметници сметајќи дека дневно политичките теми не се опција за овие ученици, а пријателството со сите свои врсници од цел свет е нивна есенцијална потреба.

Повеќе

 

Back to top button
Close