Бугарска идила

Замисли да си службеник во некој директорат за Балкан во Министерство за надворешни работи во Хаг, Берлин, Копенгхаген, Мадрид, Вилнус… и ти се падне задача да го читаш Меморандумот што Бугарија го испратила до земјите-членки на ЕУ. И си викаш: Што пишале овие во Софија? Треба да викнеш некој експерт за Западен Балкан да ти протолкува. Како тоа Бугарија потпишала договор за добрососедство со сосед кој не би требало да постои, со народ кој не постои и на јазик кој не постои? Притоа, бидејќи се во ЕУ, па демек почитуваат европски вредности, напишале дека „никогаш не го оспориле правото на самоидентификација на граѓаните на Република Северна Македонија“, ама тие да се важни, оти се поголеми и помоќни. И тие со кои потпишале договор за пријателство нека си зборат како сакаат, ама може да не се пишува дека тоа е македонски јазик, освен ако мора да се пишува.

Каква е таа сласт за изживување врз послабиот од тебе? И себичност. Како кога одвај, со сила ќе се качиш во градски автобус и викаш: „Мајсторе, затварај врата и вози!“. Тие што останале на станицата нека чекаат. Ќе им покажеме среден прст преку прозорец.

Тие ем големи, ем моќни, ама ние многи страшни. Ги преплашиле Европејците за тоа со кого сакаат да почнат пристапни преговори кога им напишале дека „архивите сведочат за егзекуција на повеќе од 20.000 луѓе помеѓу 1944 и 1946 година, кои се идентификуваа како Бугари и ја претставуваа политичката и интелектуалната елита во СРМ. Повеќе од 100.000 Бугари беа убиени, затворени, прогонети или испратени во концентрациони логори“.

Леле, леле… Ние сме ставиле 100.000 Бугари во концентрациони логори!? Сме отепале 20.000 Бугари!? Елитата сме им ја сотреле!? Па да имало во 1944-1946 толку елита на овие простори, немаше уште да бидеме ваква дупка.

Ме чуди како ли Бугарите заборавиле да се пофалат дека за време на Втората светска војна не депортирале 10.000 Евреи во фашистичкиот концентарционен логор Треблинка, туку ги евакуирале во товарни вагони за да ги спасат од некое идно угнетување од некои што сакале да се викаат Македонци, да се ослободат од бугарската фашистичка власт и да си направат своја држава.

Не ми е јасно како сакаат да бидеме пријатели, а да се однесуваат непријателски и да те навредуваат – не постоите, не ви чини јазикот, не треба да имате држава…. Тито нѐ измислил. А никаде не напишаа дека Тито како победник, поголем и посилен од нив во 1947 ѝ прости 25 милиони долари на Бугарија што како сојузничка на фашистичка Германија требало да го исплати на Југославија како воена оштета. Па уште Тито и јазикот ни го измислил.

Треба да си ептен будала да засакаш таков пријател. Ама, 21 век е. Ако ние почнеме да фаќаме кусури кој какви зулуми ѝ направил на Македонија и на Македонците од сите војски и власти што се менувале на оваа територија, тогаш со Бугарите не би се спријателиле никогаш. Ама, идејата е како минатото да не ти ја загрозува иднината. А Бугарите го прават баш тоа. Ја загрозуваат нашата иднина. Не сфаќам зошто Бугарите имаат потреба сега, откако се мачевме 30 години со Грците,  да ни бидат поголеми душмани. Освен, ако не сакаат да одржат континуитет од Втората светска војна. Кога Бугарите ни беа поголеми душмани од Германците.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.

Back to top button
Close