Бугарска „вноска“ ќе ги крене цените на гасот

Бугарскиот министер за финансии Асен Василев категорично демантира дека новата давачка од 20 лева (10 евра) за мегават час за транзит на рускиот гас низ Бугарија ќе ги зголеми цените за Северна Македонија, Србија, и Унгарија. Македонскиот министер за економија Крешник Бектеши најави дека ќе се бара оштета од Бугарија или од ЕУ за да се покрие разликата во цената на гасот од воведената давачка, а бугарскиот премиер Николај Денков тврди дека целта на давачката не е зголемување на цената на гасот за соседните земји, туку за намалување на профитот на руски „Гаспром”.

Во ваков круг се врти дикусијата од 13-ти октомври, кога бугарската држава воведе вонредна енергетска давачка во износ од 20 лева/mWh, и тоа пред почетокот на грејната сезона, од што директно ќе бидат погодени Северна Македонија, Србија и Унгарија.

Бектеши веќе соопшти дека преку Акционерското друштво во државна сопственост за вршење на енергетска дејност пренос на природен гас – НОМАГАС АД Скопје, бил доставен допис до Енергетската заедница и до Европската комисија, како и директно до компанијата „Булгартрансгас“ за да ја преиспитаат нивната одлука во делот на количините со кои се снабдува Македонија.

„Ако се воведе такса за гас кој доаѓа од Руската Федерација, тогаш треба да се ослободат количините кои ги закупил ‘Гаспром’, што ќе ни овозможи нас како држава преку пазарна економија, преку слободен пазар да бараме други извори во делот на снабдувањето со природен гас“, најави министерот за економија.

Македонскиот министер за економија Крешник Бектеши најави дека ќе се бара оштета од Бугарија или од ЕУ Македонскиот министер за економија Крешник Бектеши најави дека ќе се бара оштета од Бугарија или од ЕУ

Од друга страна, бугарскиот министер за финансии, Асен Василев, кој бил иницијатор на идејата за воведување на давачката од 20 лева, изјави дека Северна Македонија мора да докаже дека претрпела штети, а таква штета нема да има.

 

Заштита на националните интереси

Давачката пред Уставниот суд вчера ја оспори бугарскиот претседател Румен Радев, кој во образложението наведува дека не е јасна правната природа на новововедената давачка („вноска” на бугарски јазик) и дали таа претставува данок, такса или царинска давачка.

Наведува дека и во бугарскиот јазик, значењето на зборот „вноска“, (најблизок превод е влог/придонес – н.з.) е „сума на пари што периодично се плаќа за да се исплати некоја обврска или да се добие одредено право и во таа смисла се користи како ‘придонес за здравствено осигурување’, ‘придонес за членство'”.

Според Радев, законот бил донесен спротивно на правилата за практикување на законодавна иницијатива и на принципот на владеење на правото, а со него се прекршени и Уставот, и правото на ЕУ кое бара во трговијата меѓу државите членки да не се наметнуваат такси со ефект еквивалентни на царински.

„Изненадувачки е што претседателот на републиката не го штити националниот интерес, барем не така како што јас го разбирам”, изјави Василев пред медиумите.

„Националниот интерес е интерес на Република Бугарија, а не на Руската Федерација и ‘Гаспром’. Со ова дејство тој самиот се претстави како заштитник на ‘Гаспром’ спротивно на бугарскиот национален интерес и на политиката на Бугарија и ЕУ, што ја води нашата влада. Тоа е срам за претседателската институција“, рече министерот за финасии.

Бугарскиот министер за финансии, Асен Василев- иницијатор на идејата за воведување на давачката од 20 лева за мегават час за транзит на рускиот гас низ БугаријаБугарскиот министер за финансии, Асен Василев- иницијатор на идејата за воведување на давачката од 20 лева за мегават час за транзит на рускиот гас низ Бугарија

И бугарскиот премиер, Николај Денков, се придружи во оценката дека со претставката до Уставниот суд Радев на никаков начин не ги штител бугарските интереси.

„Toa е незаконски и не требаше да го направи. Дали штити странски интереси, секој сам нека размисли“, коментираше Денков пред новинарите во Брисел.

Според него, информацијата за таксата од 20 лева за мегават час, која го засега само профитот на „Гаспром”, била испратена до Европската комисија.

„Експертите таму ја разгледуваат и доколку имаат некакви забелешки за техничката реализација, ќе ги испратат. Но, никој не кажа дека оваа такса не е законска“, изјави бугарскиот премиер.

Според Василев, иницијативата на Радев до Уставниот суд нема да го спречи спроведувањето на законот кој стапи на сила на 13-ти октомври. Тој најави дека на 14-ти ноември се очекуваат првите ефекти од енергетската давачка, бидејќи е востановен режимот по кој увозниците на руски гас или компании кои го пренесуваат ќе го докажуваат потеклото на суровината. Тоа ќе се прави со прикажување на договорите за сите реализирани испораки, за да се пресмета за кои обеми се должи наплатата.

„Доколку ‘Гаспром’ не плати, има механизам за наплата на побарувањата – примена на мерки за обезбедување како што се активирање на банкарски гаранции и други“, рече Василев.

 

Ќе банкротира преносниот оператор

Медиумите веќе нотираа дека банкарските гаранции се издаваат како обезбедување за извршување или при неисполнување на конкретни клаузули од договорите, а меѓу нив сигурно не е новата давачка која до пред две недели не постоела во правниот поредок. Односно, дека не е јасно каков правен механизам би имал на пример преносниот оператор „Булгартрансгас“ да бара плаќање на тој придонес од „Гаспром” или да активира гаранција во случај на негово неплаќање од страна на руската компанија.

Со новата бугарска давачка за транзитот на руски гас, засегнат е само профитот на рускиот државен концерн ГаспромСо новата бугарска давачка за транзитот на руски гас, засегнат е само профитот на рускиот државен концерн Гаспром

Еленко Божков, поранешен заменик министер за енергетика смета дека новата давачка од 20 лева е нерационална и нефункционална, а дека претставката на Радев била соодветно образложена во сите нејзини делови. Тој не верува дека „Гаспром“ би ја платил новата давачка, и објаснува кон што би водело тоа.

„’Булгартрансгас’ му ги фактурира на ‘Гаспром’ тие 20 лева за мегават час, но компанијата не ги плаќа. Преносниот оператор ги внесува во буџетот на свој трошок и на крајот банкротира. Можеби тоа е целта – да биде банкротиран ‘Булгартрансгас’ за да може некој да го земе за жолти стотинки. Има и втора варијанта – да го запреме транзитот на рускиот гас, но потоа нашиот оператор повторно ќе банкротира, бидејќи тоа се 80% од неговите приходи“, вели тој во разговор за „24 часа”.

На прашањето – нели вашиот тим ги подготви измените во законот, тој одговара: „Ги подготвуваше, но беа направени многу измени по крајот на мандатот на службената влада и особено меѓу првото и второто читање во парламентот”.(dw)

 

Back to top button
Close