Бугарска воденица
Тоа што веќе ни непартиските граѓани не се изненадуваат кога ќе прочитаат дека потпретседател на партиски подмладок го примиле на работа како „ВИ студент“ во државна фирма што го контролира авиособраќајот, да речеш е „нормалноста“ што ја наметаа партиските гласачи. Па така, кај нас е нормално и дека високите зони на Скопје немаат вода со денови. Ама, нормално ли е без вода да остани и детската болница „Козле“? И – тоа не е никаква драма. Водата за пиење на болните деца им ја носат спонзори, а вработените се снаоѓаат со цистерни. Значи, до толку се намалени нашите очекувања, што треба да сме среќни дека на лекарите што ни ги лекуваат децата, барем им испратиле цистерна за да се замијат.
Така е затоа што Скопје го затнаа со огромни зградурини. Го напнаа Водно, остана без вода. Ќе се урне планината од висококатниците што никнаа на парцелите на индивидуалните куќи. Дека „важно е да се гради“. И – „да му средиме на еден наш“.
А кој рече дека не треба да се гради?
Оправдувањето на градоначалниците зошто даваат дозволи за неконтролирана градба е – затоа што земаат многу пари за комуналии. Дека општината мора од нешто да живее. Ама парите за комуналии се за – комуналии. Не се за партиски вработувања на измислени работни места во општините. Туку, меѓу другото, и за надградба на водоводната мрежа, ако веќе тесните улици и немањето безбеден пристап и паркинг градоначалаците не го гледаат како проблем.
Очигледно, немањето вода не е проблем ни за вработените во државните институции што се сместени во зградата на Македонската радиотелевизија. Не треба да се чудиме кога не можеме да ги најдеме на работа. Луѓето мора да одат до трговски центар или до бензинска пумпа кога ќе ги фати зорт.
Во истата зграда со години не работеа лифтовите. Па кога Владата им ги поправи, тоа беше одбележано со видео со драматична музика. Сега имаат лифтови, ама немаат вода. Не може сѐ да имаат одеднаш и во секое време
Нека се стрпат. Најдоброто допрва доаѓа. Ќе има и вода. Со нетрпение го очекувам новото видео со кое ќе се прослави и протекувањето вода во славините.
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.Мк