Бугарската авиокомпанија „Гуливер“ ќе ги поврзе Скопје и Софија за помалку од 50 евра?  

Плановите на компанијата, всушност, не се само да се поврзат Скопје и Софија, туку планирани се повеќе авиолинии од повеќе балкански градови до главниот град на Бугарија, од каде што ќе се лета за Њујорк и Торнто, а цените за летовите од Скопје до Софија ќе бидат до 50 евра

Директните летови меѓу Скопје и Софија, кои ги договорија министрите за транспорт и врски на Македонија и Бугарија, Благој Бочварски и Николај Сабев при посетата на бугарската владина делегација во вторникот, најверојатно ќе ги изведува бугарската стартап-компанија „Гуливер“, објави бугарскиот портал „Сега“.

Плановите на компанијата, всушност, не се само да се поврзат Скопје и Софија, туку планирани се повеќе авиолинии од повеќе балкански градови до главниот град на Бугарија, од каде што ќе се лета за Њујорк и Торoнто.

Уште во март минатата година, „Гуливер“ (GullivAir) добила официјална дозвола од американското Министерство за транспорт да оперира со чартер и редовни летови од ЕУ до САД. Во март или април годинава компанијата, како што се наведува, ќе почне да лета на директна линија Софија-Њујорк. „Гуливер“ е овластен да лета директно и до меѓународниот аеродром „Пирсон“ во Торонто, Канада.

Како што пишува „Сега“, прекуокеанските летови ќе се изведуваат со три авиони „ербас А330-200“, кои ќе летаат до „Џон Ф. Кенеди“ во Њујорк, првично двапати неделно, во среда и петок. За да имаат економска исплатливост на кратките летови, тие ќе се вршат со мали авиони – компанијата има двомоторен „АТР-72“, а цената на летот, како што се вели, ќе биде до 50 евра.

За отворање авиолинија Скопје-Софија зборуваше и бугарскиот премиер Кирил Петков при посетата на земјава во вторникот. Тој рече дека ги поздравува разговорите помеѓу министрите за транспорт и врски на двете земји, Благој Бочварски и Николај Сабев, на кои беше договорено во периодот до одржување на заедничката седница на владите на Македонија и Бугарија, кон крајот на овој месец, да се договорат деталите околу воведувањето на оваа авиолинија.

 

Back to top button
Close