Бугарската главна обвинителка бара од македонските колеги уште распити на преживеани и роднини за автобуската несреќа

Портпаролот на главната обвинителка на Бугарија Сијка Милева изјави дека е прекината предистражната постапка за несреќата на македонскиот автобус во која изгореа 46 лица. Како што јавува дописникот на МИА од Софија, Милева за БНТ рекла дека причина за тоа е бидејќи бугарските обвинители побарале од своите колеги во Северна Македонија уште распити. Милева рече дека досегашната истрага установила нови факти поврзани со тоа што се случило за време на трагичната ноќ.

Ноќта на 23 ноември 2021 година автобусот изгоре целосно, но не од четирите туби со бензин што ги превезувал македонскиот шофер. Тие не се причина за тоа затоа што тие останале недопрени. Заштитната ограда ја затворила вратата пред која патниците се собрале и очајно се обидувале да излезат од автобусот што горел.

Милева рече дека за неа тоа е една огромна трагедија, која ќе остане во сеќавање. Ова е случај без преседан и единствен во историјата. Увидот на местото на несреќата траеше повеќе од 24 часа, започна во темнина, рано изутрината на денот на инцидентот и заврши ноќта. Шестмина истражители и тројца обвинители работеа на случајот, а за само 10 дена беше завршено собирањето на доказите, коментираше Милева и рече дека е преседан Обвинителството да ги врати телата на загинатите со авион.

-Сите пронајдени предмети беа вратени, а секој од предметите беше запечатен посебно. Беа направени 45 аутопсии. Од сите беше земен биолошки материјал, од којшто беше извлечен ДНК профилот. Со барање за правна помош до судските власти во Република Северна Македонија, беа идентификувани и наследниците на жртвите, од кои беше земен и ДНК,  дополни Милева.

За седум дена е направена соодветна анализа помеѓу ДНК профилите на загинатите и ДНК профилите на нивните блиски и така жртвите се идентификувани. За утврдување на причината за смртта на патниците беше направена комплексна пожарникарско-техничка експертиза, како и судско-медицинска експертиза. Беше установено дека голем дел од загинатите патници починале од задушување од пожарот и од термички шок. Во тој случај имало два настана – несреќа и пожар. Како последица на несреќата избувнал пожар. Од заклучокот на експертизата за настанот се утврдило дека македонскиот возач го управувал возилото со несразмерна и голема брзина, заради што изгубил контрола врз автобусот. Милева рече дека нејзините колеги работеле и на верзијата за терористички акт. Имало и хемиска експертиза, а таа категорично установила дека немало знаци за експлозивни направи во автобусот од Северна Македонија. Македонските власти, кажа уште Сијка Милева, целосно соработуваа во истрагата за овој трагичен случај.

-Ние со нив имаме многу добри пријателски и колегијални односи. Им благодарам и на органите на МВР и на пожарникарите, кои целосно соработуваа со истрагата. За брзото завршување на случајот главниот обвинител ги награди истражителите и форензичарите кои работеа на случајот, рече Милева.

Портпаролката на главниот обвинител на Бугарија рече дека во моментов предистражната постапка е запрена бидејќи е изготвена втора молба за правна помош до македонските истражители. Според неа, на распит треба да бидат повикани преживеани во несреќата и блиски на загинатите.

– Сите треба да бидат запознаени со нивните права и обврски според бугарскиот кривичен процес и дали сакаат да им бидат предадени материјали од истрагата, како и да бидат и информирани за текот на кривичната постапка, рече таа.

За оваа кривична постапка во Бугарија се испитани околу 30 сведоци, меѓу кои шоферот на македонскиот автобус, преживеаните патници, како и очевидци. Сега, според Милева, е на ред обвинителството на Северна Македонија.

Back to top button
Close