Бугарската Изборна комисија ги објави резултатите од изборите: Борисов официјално втор

 

По обработени 99,51 отсто од гласачките ливчиња бугарската Централна изборна комисија денеска соопшти дека коалицијата на левиот центар „Промените продолжуваат“, на двајцата привремени министри за економија и за финансии, Кирил Петков и Асен Василев, освои 25,65 отсто од гласовите на вчерашните предвремени парламентарни избори.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, ГЕРБ – СДС останува втора политичка сила во земјата и со застапеност во Народното собрание со освоени 22,80 отсто од гласовите, ДПС е трета со 12,92 отсто, БСП е четврта со 10,26 отсто, петта е партијата „Има таков народ” на Слави Трифонов со 9,52 отсто, шеста е „Демократска Бугарија – обединување” за која гласаа 6,34 отсто, додека последната партија што го мина цензусот и влезе во 47. Народно собрание е „Препород“ со 4,86 ​​отсто. Оваа антиевропска и проруска партија е позната по пораките против вакцинацијата и против членството на Бугарија во НАТО и воведувањето на еврото.

 

Во претседателската трка, двојката Румен Радев и Илијана Јотова освоија 49,45 отсто од гласовите на бугарските избирачи, а нивните противкандидати Анастас Герџиков и Невена Митева собраа 22,85 отсто, додека трети беа кандидатот на ДПС Мустафа Карадај и Искра Михаилова кои добија 11,51 отсто од гласовите.

Back to top button
Close