Бугарски Дневник: Најголем противник на Борисов за „македонското прашање“ му е Каракачанов

Бугарски Дневник во својот уреднички коментар го критикува премиерот Бојко Борисов за ставовите изнесени во интервјуто за Франкфуртер Алгемајне Цајтунг.

Заменикот одговорен уредник, Петар Карабоев, кој го потпишува коментарот, издвојува два елемента од интервјуто на Борисов кој според него се спорни а влијаат врз односите меѓу Софија и Скопје.

Според него, аргументите на Борисов во однос на резолуцијата на Европскиот парламент се неиздржани а кога станува збор за можни обвинувања за предавство на бугарската историја, Карабоев констатира дека тие не доаѓаат од политичките противници на Борисов, туку од „патриотскиот“ партнер во коалицијата од кого зависи лично тој и неговата влада.

Во однос  на резолуцијата, авторот на коментарот се сомнева дека Борисов воопшто ја има прочитано, бидејќи во неа никаде не се споменува македонско малцинство.

Не знам дали Борисов го прочитал овој документ пред да го цитира или ако не го прочитал, кој му ја пренел содржината на овој начин. Прашањето за „македонското малцинство“ постои веќе 30 години, со него се има занимавано и бугарското правосудство а често пати е тема за која се има дискутирано и во медиумите. Резолуцијата не се занимава со него, туку со правото на слобода на изразување и здружување, со оглед дека без прифатливи аргументи се одбива да биде регистрирана ОМО Илинден“,вели Карабоев.

Во тој контекст, во основа се неиздржани аргументите за малцинството, констатира Карабоев, а особено ако Борисов во интервјуто избегнува директно да одговори на прашањето за тоа дали Заев или Димитров во кој било контекст го спомнале проблемот со малцинството. Наместо тоа, констатира авторот, тој дели лекции по историја.

„Тој потоа објаснува: „Ако се појават одредени погрешни изјави во процесот на пристапување во ЕУ и јас не реагирам, моите политички противници ќе речат: Борисов ја продава бугарската историја и потпаѓа под притисоците од европските партнери“. Неговите зборови имплицираат дека тој мислел на „погрешни изјави“ од Скопје. Не е јасно на кои политички противници во Бугарија мисли, бидејќи најсилните повици да не се продава бугарската историја доаѓаат од „патриотскиот“ коалициски партнер на ГЕРБ, од кој зависат лично тој и владата“, се вели во уредничкиот коментар на Дневник бг.

Back to top button
Close