Бугарски интелектуалци: Не може да се очекува една страна во преговорите да изврши самоубиство

Група бугарски интелектуалци оценуваат дека е неприфатливо оспорувањето на македонската нација и јазик. Несоодветно е да се очекува едната страна во преговорите да изврши политичко самоубиство, велат тие.

Бугарската влада веднаш да го одобри почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, а дебатите, наместо за историски прашања, да се префрлат на полето на соработката во културата, економијата, политиката, екологијата… бараат група бугарски интелектуалци во писмо адресирано до премиерот Бојко Борисов, министерката за внатрешни работи Екатерина Захариева, амбасадорите на земјите-членки на ЕУ во Софија, како и до канцеларијата на ЕУ во нивната земја.
Тие предлагаат како еден од првите чекори да биде именувањето на транспортната инфраструктура меѓу двете држави на Коридорот 8, „Гоце Делчев“, пренесе Дв.

„Нема ли токму тоа да биде оној симбол, наследство од минатото, кој не го дели, туку го зближува народот од двете страни на границата?“
На писмото, објавено од страна на Бугарската заедница за либерална демократија, досега се потпишани 30 бугарските интелектуалци: историчари, социолози, политолози, економисти, правници, новинари, активисти за човекови права, психолози и еден поранешен советник на бугарскиот претседател Жељу Жељев. Ова е второ слично писмо на група бугарски интелектуалци во последните два месеци. Во првото, објавено во октомври годинава, се критикуваше ткн. објаснувачки Меморандум на Софија испратен до другите ЕУ- членки. Претходно, академици од Бугарија реагираа и на Декларацијата на бугарскиот парламент за Северна Македонија.

Мобилизација на стереотипи
Еве што, меѓудругото, се наведува во апелот на бугарските интелектуалци:
„Исклучително загрижувачки е фактот што Република Бугарија го блокираше почетокот на процесот на преговори на Република Северна Македонија за членство во ЕУ, со аргумент кој е неразбирлив за современите меѓудржавни односи.

Бугарија поради тоа ќе претрпи штети со непредвидливи последици на својот имиџ на различни ненационални нивоа. Во прашање се пријателството, добрососедството и соработката помеѓу Бугарија и Северна Македонија, кои се главните столбови на Договорот за пријателство. На таа линија, алармантно зачестуваат пројавите на навреди од двете страни, вклучително и на високо политичко ниво, на ароганција и кратковидни историски интерпретации со живописен националистички и шовинистички вкус.”
Интелектуалците оценуваат дека кризата во односите меѓу Софија и Скопје не ги доведува во прашање само меѓусоседските односи, туку и соработката во рамките на атлантското партнерство, како и натамошниот тек на проширувањето на ЕУ и геополитичките опасности на кои ќе се изложат земјите.
Во писмото се наведуваат пет клучни причини за ваквиот развој на состојбите.

„И покрај добрите намери утврдени во Договорот, јасно се издвојува несоодветниот начин на кој тој се спроведува – со прекумерен акцент на прашања од историјата и елиминирање на аспектите на соработка за други групи социо-политички, економски и други прашања наведени во Договорот. Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања основана со Договорот во голем број случаи демонстрира пристапи (поддржани од двете страни) кои не се во согласност со филозофијата и приодите на современата историографија. Тие во голема мера ја поткопуваат нејзината активност и ефикасност.
-повеќе на темата: Детрез: Нема ништо спорно во тоа бугарската окупација на Македонија да се нарекува фашистичка
Погрешното втемелување на процесот на преговори во кој приоритет им се дава на проблемите од минатото, ја натовари мешовитата комисија со, за неа несвојствени, политички задачи. Од нејзините тесни експертски мислења почнаа да зависат комплексни повеќеслојни политички одлуки со огромно национално, меѓудржавно и геополитичко значење.

Процесот на спроведување на Договорот досега остана затворен главно на политичко и дипломатско ниво. Наместо да се вклучат граѓаните во неговата имплементација преку низа привлечни и иновативни граѓански, академски, културни, образовни иницијативи, тие станаа сведоци на остра битка помеѓу тешката историографска артилерија на двете земји, конструирана во минатиот век. На овој начин беа мобилизирани масовни историски чувства и стереотипи, наместо креативност во корист на иднината.

На политички и дипломатски план беа дозволени пристапи што не одговараат на духот, целите и текстот на Договорот – вклучително и непризнавање од Бугарија на именувањето на официјалниот јазик на РСМ, кој е признат во ООН, оспорување на постоењето на посебна македонска нација и правото на македонските граѓани на самоидентификација – потполно неприфатлива практика за европскиот политички простор. Имаше примери на остар говор на омраза од обете страни по Договорот.“

Преговори во духот на меѓународното право

Групата бугарски интелектуалци во писмото ги повикуваат властите во Софија на висока државничка одговорност и преземање на следните мерки:
„Бугарија веднаш и без одложување да даде зелено светло за почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија во ЕУ, односно до крајот на годинава во периодот на германското претседавање со ЕУ.
Да се ​​утврдат нови приоритети, пристапи и иницијативи за соработка меѓу двете земји, земајќи го предвид следново:
Дискусијата за сите прашања поврзани со спроведувањето на Договорот треба да биде единствено и само во духот и стандардите на современото меѓународно право и преку современи пристапи кон решавање на билатералните и мултилатералните меѓудржавни односи. Убедени сме дека во таков формат на модерно договарање не може да има услови да се принуди една од страните да прифати нереални барања поставени од другата страна, како што се откажување (целосно или делумно) од самоопределувањето на својот народ и откажување од самоидентификација на нејзините граѓани.
Несоодветно е да се очекува дека во кој било процес на преговори, кој било преговарачки тим во светот ќе изврши самоубиство, донесувајќи политичка одлука за самоидентификација на своите граѓани и тврдејќи дека од одредена година целото население скокнало од една во друга етничка група.
Да не заборавиме на трауматското искуство на Бугарија од времето на комунистичкиот режим за постигнување на „историската вистина“, кога политичките одлуки постојано наметнуваа процес на асимилација на етничките Турци, Помаците и Ромите, со цел да се „ревидира“ нивното инхерентно етничко потекло и верска припадност. и наметнување бугарска и христијанска „самоидентификација“ на живите и мртвите.
Притоа, не може да се пропушти и фактот, дека споменатата „историска вистина“ е постигната со одлуките на „авторитетни историски комисии“.”

Доста со историја
Наместо фокус на историските спорови, бугарските интелектуалци бараат дебатата да се насочи кон суштински теми.
„Да се ​​развие „патоказ“ за заедничко дејствување за спроведување на Договорот со соодветни рокови, повикувајќи се особено на:
Да се даде решителен почетен поттик за активности со силен потенцијал за затоплување на односите преку унапредување на политичка, дипломатска и граѓанска размена, воено-техничка соработка, економска, еколошка, образовна и културна соработка, научната соработка, медиумите и заштитата на човековите права.

Во разговорите и соработката да се вклучат и граѓанските организации. Прашањата и активностите поврзани со историјата не треба да заземаат доминантното место како во моментов, туку треба да бидат вклучени како можен специфичен аспект на соработка за културни и образовни прашања. Дискусијата за историски прашања треба да се реализира со примена на современи историографски пристапи и да се обезбеди плуралистичка експертиза на учесниците поканети на дискусиите.

Да се ​​постави експлицитно барање до политичарите, граѓаните и медиумите во двете земји активно да се спротивстават на јазикот на омраза и манифестациите на историскиот реваншизам, ароганција и супериорност во политичкиот и јавниот живот“, се наведува во писмото на бугарските интелектуалци објавено денеска.
Целото писмо на бугарски јазик можете да го прочитате на следниот линк.

Back to top button
Close