Бугарски министер за надворешни работи: Младите и граѓанското општество на Западен Балкан се клучен двигател на промените

Европската перспектива и натаму е клучен двигател на промените во земјите од Западен Балкан, при што младите и граѓанското општество играат важна улога во овој процес. Ова го истакна бугарскиот министер за надворешни работи во привремениот кабинет Светлан Стоев во својата изјава за време на денешниот видеоконференциски состанок на министрите за надворешни работи на Берлинскиот процес за Западен Балкан, организиран од сегашното германско претседателство со иницијативата, соопшти бугарското Министерство за надворешни работи.

Стоев, како што јави БТА, изрази поддршка од Бугарија за насочување на напорите кон т.н. меки мерки со фокус на поврзаност меѓу луѓето на Западен Балкан, како основа за градење доверба, подобрување на регионалната соработка и зајакнување на добрососедските односи.

Приоритет е даден и на соработката меѓу младите во регионот, која исто така вклучува пристап до образование и научна инфраструктура, работни места, признавање на дипломи и професионални квалификации, социјална инклузија и други. Бугарија е доследна во поддршката за младите во земјите од Западен Балкан, рече бугарскиот министер за надворешни работи и потсети дека темата за млади беше еден од четирите приоритети на бугарското претседателство со Советот на ЕУ во 2018 година.

На средбата, Светлан Стоев, исто така, истакна дека минатата година Бугарија ја сподели одговорноста да биде копретседавач на Берлинскиот процес заедно со Република Северна Македонија, цврсто убеден дека ова е израз на конзистентната надворешна политика на Бугарија и е логично продолжение на она што беше постигнато за време на бугарското претседателство со Советот на ЕУ и Самитот ЕУ-Западен Балкан во 2018 година, кога темата за европската перспектива на земјите од регионот беше подигната високо на агендата на Унијата.

– Ние ја гледаме додадената вредност на Берлинскиот процес во неговиот капацитет да стимулира инклузивна регионална соработка во областа на економијата и поврзаноста во сите аспекти – транспорт, енергија, дигитална сфера, човечки односи, безбедност, рече Стоев.

Берлинскиот процес за Западен Балкан е регионална иницијатива започната во август 2014 година од германската канцеларка Ангела Меркел за поддршка на напорите на земјите од регионот да ги исполнат критериумите за членство во ЕУ. Учесници во процесот се земјите од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Република Северна Македонија, Србија, Црна Гора, а нејзини ко-спонзори и поддржувачи се некои земји-членки на ЕУ како Германија, Франција, Австрија, Италија, Полска, Грција, Хрватска, Словенија и Бугарија, како и Велика Британија, потсетува БТА.

Стоев се заблагодари на германското претседателство за организирање на состанокот на министрите за надворешни работи како добра платформа за отворена дискусија за приоритетни прашања, за споделување идеи и искуства во врска со Западен Балкан како дел од заедничките напори за поддршка на европската иднина на земјите од регионот.

Back to top button
Close