Бугарски професори во ЕП ќе го бранат ставот на Софија кон Скопје

Од понеделник, членови на платформата „Национален круг ‘За Македонија’“ во Стразбур ќе ја објаснуваат бугарската рамковна позиција .

    

Пленарната сала на Европскиот парламент во Стразбур

Бугарски професори – историчари и лингвисти, од 6-ти до 8-ми јуни во Европскиот парламент во Стразбур ќе ја претставуваат и заштитуваат бугарската позиција за преговорите со РСМ. Целта е да им објаснат на европратениците дека почеток на преговори на РСМ со ЕУ е можен само откако таа земја ќе ги исполни условите што ги бара Бугарија.

Веста за оваа посета за „24 часа“ ја потврдил археологот Николај Овчаров, кој во Стразбур ќе замине заедно со историчарот Пламен Павлов и филологот Ана Кочева. Оваа професорска тројка е прилично активна во бугарската јавност. На 11-ти мај годинава, тие, заедно со група интелектуалци и јавни личности, во националниот прес-клуб на БТА ја промовираа платформата „Национален круг ‘За Македонија'”. Како што објаснија, целта на платформата е тврда одбрана на бугарската Рамковна позиција и Декларацијата на 44-тото Народно собрание, во однос на евроинтеграцијата на РСМ. Велат дека немаат ништо против интеграцијата на РСМ во ЕУ, но само низ условите зад кои стои Бугарија.

Археологот Николај Овчаров, пред две недели образложи дека досега на неколку бугарски влади им укажувал на потребата од формирање „група за брза реакција“ која ќе ги обиколи европските и светските метрополи, за да ја разјасни вистината за историските прашања што ги оспорувала Северна Македонија, бидејќи историските документи говореле целосно во полза на бугарската кауза. Повод за ваквата негова реакција тогаш беше одлуката на Вселенската партијаршија за МПЦ-ОА, и неговиот став по прашањето – кој има право да го користи името „Охридска Архиепископија“.

Бугарскиот археолог, Николај ОвчаровБугарскиот археолог, Николај Овчаров

Никогаш не е доцна

Во меѓувреме не е познато дали официјално е формирана „група за брза реакција”, но извесно е дека Овчаров со негови колеги професори ќе тргне во мисија.

„Во тој однос доста задоцнивме, но подобро и подоцна, отколку никогаш. Се надеваме дека ќе се слушне позицијата на бугарската наука. Јас сум од Националниот археолошки институт при Бугарската акденија на науките (БАН) и имам карт-бланш од претседателот, академик Јулијан Ревалски, да ја претставам позицијата на Академијата“, вели Овчаров.

Лингвистката Ана Кочева посочува дека во Стразбур ќе објаснат како ја гледаат ситуацијата со идното присоединување на РСМ: не треба да ја запираат земјата, но не и пред да си ја заврши работата.

„Ние, што можевме, отстапивме. Ако оставиме нерешени историски спорови, во еден момент треба да се лишиме од сопствената историја, од историјата на нашиот јазик, од сопствената суштина“, вели за „24 часа“ професорката од Одделот за бугарска дијалектологија и лингвистичка географија на Институтот за бугарски јазик при БАН.

Наесен таа била поканета да предава во Полска, каде што имало силна македонистика.

„Таму јас ќе им предавам на студентите едно, а мојата македонска колешка – најверојатно друго”, вели Кочева и посочува дека тоа води до „разногледие“.

Infografik Karte Nordmazedonien und Bulgarien EN

Таа во сите нејзини јавни настапи повторуваше дека „ јазичната норма на Република Северна Македонија има само правен квалитет што произлегува од уставот на земјата”, дека „јазикот во РСМ е западно-бугарски дијалект и деструктуиран книжевен бугарски јазик”.

Мнозинство, а не малцинство

Третиот колега во групата што ќе ја објаснува вистината пред ЕП, е историчарот Пламен Павлов, кој по промоцијата на платформата „Национален круг ‘За Македонија’“ преку интервјуа порачуваше дека во РСМ нема бугарско малцинство, туку бугарско мнозинство.

„Треба да се престане со терминот ‘бугарско малцинство’, кое го слушам од политичари и кого уште не. Таму (во РСМ -н.з.) има бугарско мнозинство, тоа го покажува самата историја. Терминот ‘бугарско малцинство’ во Македонија треба категорично да отпадне. Не можам да разберам до кога ќе се шири таа неписменост во нашата политичка елита и тоа да се користи за удари против Бугарија и против вистината“, изјави Павлов за „Труд“.

Притоа обвини дека „македонската пропаганда добила гебелсовски димензии и дека Бугарија е жртвата”.

„Ние како платформа ќе бараме да запре јазикот на омразата, да се запре фалсификувањето на историјата и на сегашноста, со тоа и на иднината, и да се признаат правата на бугарското мнозинство в РСМ (…) Тоа треба да биде нашата позиција и кон ЕУ, и кон сите меѓународни институции“, порача Павлов.

Зградата на Европскиот парламент во СтразбурЗградата на Европскиот парламент во Стразбур

Ставовите на тројцата професори, со кои од понеделник ќе настапуваат во Европскиот парламент, сосема се совпаѓаат со тезите на бугарскиот претседател, Румен Радев, кој по посета на Берлин од 16-ти мај, порача: „Не треба да дозволуваме легитимација на македонизмот и на идеологии од поранешна Југославија и Коминтерната, да си најдат место во ЕУ”.

Професорската мисија временски се совпаѓа со последните дипломатски обиди за деблокада на македонскиот интеграциски пат. Временските рокови за тоа наскоро истекуваат. Заседанието на Комитетот на постојани претставници  – амбасасдорите на земјите членки на ЕУ (Корепер) е закажано за 15 јуни, за 21-ви јуни и Советот за Општи прашања кој е претставен од шефовите на дипломатиите, и на 23-24 јуни самитот на Европскиот совет. Доколку има промена во бугарската позиција кон РСМ, таа би требало да биде усогласена и потврдена (од парламентот) најмалку една недела пред седницата на Корепер.

извор: ДВ

Back to top button
Close