Бугарски уплав од малцинства

Бугарија е единствената источноевропска членка на ЕУ во чиј устав целосно отсуствува споменување на правата на малцинствата. На такавите бугарски негаторски ставови, проследени со постојана груба асимилација и побугарчување, – кои Екатерина Захариева ги објаснува со ултиматум и вето против Македонија, за да се спречи соседната земја подоцна, внатре од ЕУ, да се залага за македонско малцинство во Бугарија, – во прилог им одат, и мошне добро ги поткрепуваат, „гаранциите“ од македонската Влада, и лично од Зоран Заев, „дека нема да се мешаме во внатрешните работи (на Бугарија), и немаме побарувања за малцинства“.

Но кога станува збор за почитувањето на европските демократски вредности, каде што важен дел од моралниот компас е и заштитата на малцинските права, сериозен проблем има самата ЕУ, а не само нејзини одделни членки, во случајов Бугарија, чии политичките лидери, според примерот на вицепремиерот Каракачанов, со години наназад го потхрануваат уплавот од малцинства и поттикнуваат дискриминација, навреди и понижувања, шиканирање и стигматизација на Ромите, Турците и другите малцински групи. Најновите отровни стрели што Каракачнов ги упатува кон македонската историја, идентитет и јазик, повампирувајќи ги великобугарските идеи и соништа, всушност не се никакво изненадување.

Едновремено веројатно не изненадува и тоа дека од ЕУ не се слуша некаква посилна осуда на бугарскиот шовинизам кон Македонија и македонското малцинство во Бугарија, повторно интензивиран со потенцирање на старите негаторски тези во бугарскиот објаснувачки меморандум, во контекстот на толкувањето на „заедничкта бугарско-македонска историја“.

Несогласувањата и разидувањата околу статусот и правата на малцинствата не се само балкански специјалитет, туку се присутни насекаде во Европа. Не се само Бугарија и Грција членки на ЕУ кои имаат сериозен проблем да ги признаат сопствените малцинства, пред сè македонското. И една од најдемократските членки, Шведска, своите пет национални малцинства и користењето на нивните јазици официјално ги призна дури во 2000-та година, по силните притисоци од страна ЕУ-институциите во Брисел. Соседна Данска, чиј демократски систем исто така се смета за урнек, и ден денеска не ја признава егзистенцијата на некои малцинства. Во Велика Британија како вистински малцинства се признаваат само доселените малцински групи по Втората светска војна, но не и историските групи како Шкотланѓаните и Велшаните.

Иако, историски гледано, во Европа често се заговарале заложби за правна заштита на малцинствата, тоа сепак најмногу доаѓало до израз надвор од нејзините граници. Како дел од интеграцискиот проект за европско обединување, малцинските права долго биле запоставувани, најмногу поради политичките состојби во текот на Студената војна, но почнале да добиваат поголемо значење по паѓањето на Белинскиот ѕид и нарочно во врска со големите кругови на проширувањето на ЕУ кон Исток во 2004 и 2007 година. Бугарија, патем речено, во годините пред распадот на источниот комунистички блок беше изложена на остри критики од страна на Владите на западните европски земји поради  „неприфатливите мерки насочени кон асимилација и бугаризација“, посебно со присилна промена на имињата со цел да се наруши идентитетот на турското малцинство.

Како што обично се вели, гарантирањето на елементарните права претставува темел врз кој треба да се потпираат евроинтеграциите, бидејќи тоа е директно поврзано со претпоставките за функционирање на демократијата, легитимитетот и стабилноста. Функционирањето на ЕУ не може да се засновува само на влијанието што врз нејзиниот развој го имаат мнозинските населенија во земјите-членки, туку соодветни можности треба да им се обезбедат и на малцинствата. Но интеграциската проблематика во врска со тоа како ЕУ-нормите и европското законодавство влијаат на домашното законодавство и однесување и во старите и во новите земји членки, се изоструваат до максимум токму кога се во прашање малцинските права во рамки на ЕУ. Голем број западни десничарско популистички партии внесуваат конфузија во дебатата со своите ставови околу етницитетот и малцинствата. Од една страна се заговара културна асимилација, но од друга се тврди дека луѓето имаат некаква „наследна суштина“, а што секако претставува несфатлива комбинација на гледишта.

Што се однесува до Бугарија и Македонија, односот спрема малцинствата во многу нешта е дијаметрално спротивен. За разлика од упорното потиснување на малцинските јазици од јавниот простор во Бугарија, Македонија веројатно е единствен пример во Европа според големите можности што ги уживаат малцинствата во администрацијата и образованието, така што политичките лидери на албанското малцинство, придобивките од Рамковниот договор и Законот за употребата на јазиците почнаа да ги користат за „истиснување“ на мнозинскиот македонски јазик од институциите. За првиот вицепремиер Артан Груби, на пример, воопшто нема никакво значење тоа што таквата пракса, каде што фаворизирање на малцински јазик се прави на директна штета на мнозинскиот, е во директна спротивност со духот и одредбите содржани во Европската повелба за регионални и малцински јазици. Груби едноставно се води од девизата: грабни што можеш повеќе – во матно.

Во барабанот кој сега акцелерира со сè поголема брзана на релација меѓу Бугарија и Македонија, се уфрлени сите можни точки на допирање и раздвојување во регионот – историските личности, малцинствата и нивните јазици, претензиите кон соседни територии и култури. Останува да се види дали очекувањата на Софија да ја извлече добитната комбинација од балканскиот барабан ќе завршат сепак само како – празни надежи.

 

Ивица Челиковиќ

 

Back to top button
Close