Бугарскиот историчар Дечев смета дека е арогантно, навредливо и невоспитано да не се признава македонскиот јазик

Не може цела Бугарија да се срами поради одлуката на еден секција на БАН или на едно семејство лингвисти.

На сите светски метрополи, во министерствата за надворешни работи, на универзитети и катедри, тој јазик е македонски. Арогантно и крајно навредливо е министерката за надворешни работи Теодора Генчовска постојано да повторува дека Бугарија не го признава македонскиот јазик, вели бугарскиот историчар Стефан Дечев

Универзитетскиот професор Стефан Дечев отворено ја критикува, како што вели, празноглавата Генчовска која постојано повторува дека Бугарија не го признава македонскиот јазик. За него, прашање на добро воспитување а не на филолошки познавање е јазикот кој твојот сосед го нарекува македонски, и ти да го нарекуваш како што го нарекува и тој.

 

„Неа (мисли на Генчовска н.з) воопшто не ја засега колку е тоа арогантно и навредливо за луѓето кои што го зборуваат тој јазик, а го нарекуваат македонски. Како поинаку да го нарекуваат?,прашува историчарот Дечев.

 

Тој смета дека со нејзиното однесување, како на вчерашната прес-конференција, на која наместо да говори дека Бугарија ќе поднесе унилатерална изјава за јазикот а не дека Бугарија не го признава македонскиот јазик, се остава лош впечаток во странство преку кој се создава погрешна претстава дека Бугарија не е во право за ниту едно од историските прашања.

„Не може цела Бугарија да се срами поради одлуката на еден секција на Бугарската академија на науките (БАН) или на едно семејство лингвисти. Во Брисел, во Париз, во Берлин, во Амстердам, во Копенхаген, во Токио, во Вашингтон, во Москва, во Киев, во министерствата за надворешни работи, на универзитети и катедри, јазикот е македонски. И тука падежите, инфинитивите, клаузулите, акцентите и т.н. воопшто не се важни“,пишува тој во својот коментар.

За да ја истакне важноста на потребата за заемно почитување, тој нагласува дека секое добро воспитано дете знае дека треба да кажува „Добар ден“ и Благодарам“, иако во Бугарија, за разлика од Македонија, по Првата светска војна за „благодарам“ се користи и „Мерси“.

„Ако соседот го нарекува јазикот ’македонски‘, само затоа што си добро воспитан, а не поради познавања на филологијата, треба да го нарекуваш ’македонски‘“,вели Гечев.

Професор Дечев предава на Југозападниот универизитет во Благоевград и на Универзитетот во Софија. Поле за кое е специјализиран е модерната и современа бугарска историја и историографија

Back to top button
Close