Бугарскиот министер Георгиев: Инсистираме на спроведување на францускиот предлог
По повод одложеното гласање во Европскиот парламент за годишниот извештај за напредокот на Македонија кон ЕУ, министерот за надворешни работи на Бугарија, Георг Георгиев истакнал дека Бугарија е загрижена од изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, кој, како што вели, си дозволил да објавува работи „кои доаѓаат од кујната“ на независниот европски законодавен орган.
„Нашиот став отсекогаш бил искрен и отворен“, тврди Георгиев.
-Секогаш сме велеле дека европската интеграција на земјите од Западен Балкан, вклучително и на Република Северна Македонија, е и во наш интерес и наш приоритет, инвестиција во заедничката безбедносна архитектура на целиот регион. Но, сакаме да се почитува принципот на сопствени заслуги. Инсистираме на спроведување на консензусот од 2022 година, бидејќи тој е оној што квалитативно и објективно го мери напредокот на државата, порачал шефот на бугарската дипломатија.
Во писмо до своите колеги, бугарските европратеници изразија сомнежи во интегритетот на Извештајот и пријавиле неправилности, вклучувајќи неовластено и предвремено протекување на внатрешни парламентарни информации, клучни елементи од нацрт-документот и компромисни амандмани до македонските власти. Бугарските медиуми како пример ја споделиле изјавата на премиерот на Мицковски, од 1 јуни, дека однапред бил многу детално запознаен со извештајот.
Барањето (за одлагање на извештајот) било од известувачот во сенка, Ивајло Валчев и било испратено само до известувачите во сенка, советниците што работат на досието и секретаријатот на Комисијата за надворешни работи (AFET), но помалку од 24 часа подоцна, македонскиот премиер бил информиран за барањето.
-Тврдењето на Мицкоски дека неговата влада работела на овој извештај 11 месеци заедно со известувачот за да постигне толку позитивен резултат за нив е исто така вознемирувачко, стоеше меѓу другото во писмото на бугарските европратеници.