Бугарскиот премиер Жељазков порачува: Софија од Скопје бара само исполнување на договореното – Бугарите во Уставот
Бугарскиот премиер Росен Жељазков денес во Брисел пред почетокот на Европскиот совет на претседателот Антонио Кошта му го образложувал ставот на Софија во однос на Македонија и нејзиниот европски пат. Според она што го објави БГНЕС, Жељазков потврдил дека Бугарија нема да поставува дополнителни услови за почеток на преговарачкиот процес, освен неопходниот – внесување на Бугарите во македонскиот Устав.
– Ние, како мудра држава-членка на ЕУ, се придржуваме со неопходна доза воздржаност во емоциите и реакциите во однос на провокациите од страна на колегите од Република Северна Македонија, кои можеби ја црпат својата основа поради претстојните избори наесен таму – изјавил Росен Жељазков.
Во разговорот со Кошта тој повторил дека проширувањето на ЕУ, вклучително и со Македонија, треба да биде врз основа на заслуги.– Нашата позиција е целосно усогласена со онаа изразена во декларацијата на Народното собрание од мај годинава, која обезбедува доволни гаранции и за Република Северна Македонија дека Бугарија нема да поставува никакви дополнителни услови, ниту ќе го претвора процесот во билатерален. Тој ќе биде разгледуван од нас како земја-членка на ЕУ и од Европскиот совет како однос меѓу ЕУ и РСМ – изјавил Жељазков.
Тој додал дека Софија многу јасно го поставила прашањето дека спроведувањето на компромисот од 2022 година, кој предвидува уставни измени во РСМ со внесување на бугарската заедница, е неопходен услов за почеток на преговарачкиот процес, но се осврнал и на извеаштајот за Македонија во Европскиот парламент.
– Во целата динамика на овие интересни балкански односи, темата за идентитет и јазик, која е присутна во наративот на нацрт-извештајот на Европскиот парламент, е тема што главно има цел да го заобиколи суштинското прашање. Тоа одвлекување го пренасочува вниманието на јавноста и во Бугарија, и во Република Северна Македонија. Суштинското прашање е измена на Уставот, внесување на Бугарите како заедница и почитување на човековите права и неопходните гаранции за тоа. Бугарија не поставува никакви нови услови по оваа тема. Бугарија бара исполнување на договорениот компромис од 2022 година – нагласил бугарскиот премиер.
Тој, според бугарската агенција, добил уверување од Кошта дека Европскиот совет строго ќе се придржува до компромисот од 2022 година, но и го замолил претседателот на Европскиот совет „да им укаже на колегите од Република Северна Македонија дека говорот на омраза не помага во овој процес, вклучително и во меѓусебниот дијалог, кој треба да се базира на Договорот за добрососедство“. Притоа се потсетува дека наесен ќе има и извештај на ЕУ наесен, а на крајот на годинава заклучоците на Советот ќе го земат предвид напредокот на Македонија.