Бугарскиот професор Aтанасов: Македонците се Македонци. На Бугарите во Македонија не им е неопходно внесување во Уставот, туку само на активистите на Каракачанов

Македонците се Македонци и не е убаво ние Бугарите да тврдиме нешто друго. На Бугарите во Македонија не им е неопходно внесување во Уставот, туку само на активистите на Каракачанов. Историската комисија ѝ беше дадена на „концесија“ на ВМРО-БНД и во неа седат партиски пропагандисти, затоа не дава резултат. Бугарскиот коминистичко-политички наратив за Македонија е ненаучен и одамна изветреан. Францускиот предлог е лош за двете страни, но ЕУ мораше да го даде за „балканските варвари да не си направат нешто полошо“. Со вакви тези, несвојствени за бугарската јавност, бугарски професор по историја Димитар Атанасов настапи на Еуроњуз Бугарија.

Бугарите во Македонија немаат потреба да бидат внесени во Уставот на Република Северна Македонија, туку само неколку десетици активисти кои се длабоко поврзани со еден партиски штаб што се наоѓа на улицата „Пиротска“ бр.5 – рече бугарскиот професот по историја Димитар Атанасов во настап на емисијата „Добро утро, Европа“ на Еуроњуз Бугарија. Тој алудираше на партијата ВМР-БНД на Красимир Каракачанов, која има штаб на таа адреса во Софија.

 

– Прво, сакам да прашам кој има полза од впишување на Бугарите во Уставот на РС Македонија? Бугарите во Бугарија, Бугарите во Северна Македонија, или некои други? Тврдам дека интерес има само една посебна група која се нарекува Бугари-те, но тие се всушност Бугари, кои ни оддалеку не ги претставуваат сите Бугари во Северна Македонија, туку само мал дел од нив. Еве во што е проблемот, според мене. Според Уставот на Република Северна Македонија, етничкото присуство автоматски се претвора во политичко претставување, кое што носи одредени политички права.Тоа значи дека, доколку се внесат во Уставот тие неколку илјади луѓе, според последниот попис, кои се изјасниле како Бугари, автоматски ќе добијат политичко претставување, што води до институционална моќ. Од оваа институционална моќ имаат корист неколку десетици Бугари кои се длабоко поврзани со партиски штаб во Бугарија на улица „Пиротска“ бр.5 – рече Атанасов.

Според него, на Бугарите во Република Северна Македонија (РСМ) не им е потребно нивно вклучување во Уставот на земјата, туку еднаквост пред законите.

Back to top button
Close