Бугарските медиуми за утрешната посета на Вархеји и Силва на Софија

Бугарските медиуми известуваат за утрешната посета на Софија на португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји. Како што јавува дописникот на МИА од Софија, бугарскиот весник „Дневник“, очекува дека посетата е во потрага по решение за спорот, кој со месеци ги блокира преговорите на Бугарија и Северна Македонија.

Весникот, додава дека Португалија, која претседава со ЕУ, сака до крајот на јуни да се деблокираат преговорите со Северна Македонија и дека со приближување на состанокот на Европскиот совет, следниот месец, на кој треба да се разгледаат преговарачките рамки на Северна Македонија и Албанија, проблемот на Бугарија со македонската страна повторно се враќа на дневен ред.

Одобрувањето на преговарачката рамка е патот кон одржување на првата меѓувладина конференција со двете држави и вистински почеток на преговорите со ЕУ.

Софиските медиуми, исто така, јавуваат дека на агендата на Вархеји и Силва во Бугарија се средби со официјалниот претставник на земјата – Румен Радев, со привремениот премиер Стефан Јанев и привремениот министер за надворешни работи Светлан Стоев.

Според бугарските медиуми, Северна Македонија очекува Силва и Вархеји да пристигнат со предлог за решавање на кризата.

Back to top button
Close