Бугарско МНР за реакциите по отворањето на клубот во Битола: Повторно сме сведоци на говор на омраза против Бугарија

Изненадени сме од силниот став на претставниците на властите во Република Северна Македонија и антибугарската кампања што се спроведува во медиумите во нашата соседна земја во последните денови во врска со отворањето на клуб при Здружението Културен центар „Иван Михајлов“ во Битола, се вели во реакцијата на бугарското Министерство за надворешни работи.

Оттаму велат дека во Северна Македонија повторно се шири омраза против Бугарија поттикната од политички партии, но и од академската заедница.

„Повторно сме сведоци на говор на омраза против Бугарија, кој е поттикнат од парламентарните политички партии, претставници на јавноста и претставници на академската заедница. Посебно загрижува фактот што се прават обиди Бугарија и бугарскиот народ нeправедно да се изедначат со фашизмот. Ширењето на тенденциозни погрешни толкувања на историјата е токму една од причините поради која имаме Договор за соседство и формиравме Мешовита комисија за историски прашања. Очигледна е потребата таа да направи вистински напредок на чувствителните теми во нашата заедничка историја – се додава во реакцијата.

Од бугарското МНР потсетуваат дека културниот центар бил регистриран по барања на локалната законска регулатива и работи од 2019 година, како и тоа дека неговото име досега не било предмет на никакви видливи негативни реакции кај надлежните и јавноста во Северна Македонија.

„Овие факти доведуваат до уверување дека кампањата започната во последните неколку дена всушност не се однесува на името, туку е насочена против активностите на организацијата, активно вклучена во проблемите на Бугарите во северна Македонија и остварувањето на нивните права. Нагласуваме дека бугарската држава ќе продолжи да ги прави сите неопходни напори, во согласност со меѓународното право, за поддршка и заштита на Бугарите во Северна Македонија -велат од бугарското МНР.

Во соопштението се додава и дека Бугарија очекува конструктивен придонес на надлежните во Северна Македонија за враќање на довербата и градење на поволна средина за развивање на пријателски односи меѓу двете земји.

Се потсетува и дека Бугарија направила „значителни напори за промовирање позитивна клима во билатералните односи“, како и дека Бугарија ќе продолжи да работи на градење на вистински добороседски односи.

 

 

 

Back to top button
Close