Бугарското МНР со протестна нота: Нападот е уште еден пример за тешките последици од системското отсуство на адекватна реакција

Бугарското Министерство за надворешни работи најави дека ќе достави протестна нота до властите во Македонија, поради физичкиот напад врз едно лице вчера во Охрид, за кое, како што се наведува во соопштението на Министерството, бил граѓанин на Република Македонија со бугарска самосвест и е секретар на организацијата „Цар Борис Трети“ во градот.

Во соопштението на бугарското МНР се наведува дека ќе го повикаат амбасадорот на Македонија во Софија, за да му врачат протестна нота во врска со физичкиот напад, извршен вчера, во која на лицето му се нанесени тешки телесни повреди и тој е хоспитализиран.

Министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков, се додава во соопштението, имал телефонски разговор со неговиот колега од Република Македонија, Бујар Османи, кој дал уверување дека ќе бидат преземени неопходните активности од страна на локалните власти. Во соопштението се додава и дека бугарскиот в.д. конзул во Битола и тим на бугарската Амбасада во Скопје се во контакт со повредениот и се испратени во Охрид.

-Со месеци бугарската држава упорно ги потенцира очекувањата од властите во Северна Македонија да преземат итни и ефективни мерки против сериозната ескалација на инциденти и криминални дела поттикнати од омраза кон Бугарите во земјата. Бугарската страна се уште не добила официјална информација за истрагата и постапките на правосудните органи во врска со полесните напади, вклучувајќи и отворање оган од огнено оружје кон објектот во кој се сместена организацијата „Цар Борис Трети“ од крајот на 2022 година. За жал, нападот од 19 јануари 2023 година е уште еден пример за тешките последици од системското отсуство на адекватна реакција и ангажираност од страна на Северна Македонија, како и од неможноста да ја исполни својата основна задача  – да ја гарантира безбедноста на сопствените граѓани, смета бугарското МНР.

Back to top button
Close