Бугарското МНР употреби фраза „достапен јазик“ во Македонија

Во куса хронологија на постапките, премиерот наведе дека биле советувани од Брисел, Акцискиот план, кој бил подготвен со најдбори експерти од Советот на Европа, да ѝ го достават на Софија еден ден порано, како знак на добра волја.
„Така направивме, го дадовме ден однапред. Е сега им сметало што е на македонски јазик. Во меѓународна употреба, согласно Уставот, официјален јазик е македонскиот јазик. Јас не можам како претседател на Влада, ниту пак министерот, да го кршиме Уставот. Ако мислат дека ќе го испратиме на друг јазик – ние немаме друг јазик. Согласно Уставот тоа е македонскиот јазик. Тие уште еднаш покажуваат дека проблемот нема врска со малцинство или Бугари во Устав. Имаат многу подлабоки корени нивните барања и многу подлабоки се проблемите. И уште еднаш покажуваат дека нивната намера е сосемна поинаква“, рече премиерот.
Пропуштена шанса
Мицкоски изрази жалење што Бугарија уште еднаш ја испуштила шансата да покаже дека се добри соседи.
„Ниту една земја членка нема против, ниту едно малцинство во Македонија, бидејќи имаше и јавна дебата, јавна расправа – нема против. Е проблем било, што било на македонски јазик“, повтори премиерот.
Тој одговори на новинарско прашање дали освен за јазикот, имало и други забелешки.
„Нема. Другите се небитни. Сите забелешки ќе ги прифатиме, но јас не можам да се откажам од мојот мајчин македонски јазик“, рече македонскиот премиер.
Софија следи со загриженост
Бугарското МНР во соопштение објавено на веб страницата на институцијата, објави дека „Република Бугарија со загриженост ги забележува последователните тези на властите во Скопје, кои остро се разминуваат со есенцијата на Европскиот консензус од 2022 година“.
Во него не се спомнува македонски јазик, туку „достапен јазик“ за граѓаните на Северна Македонија и се наведува дека во Скопје нацртот бил претставен на англиски.
„Прашањето – на кој јазик треба да биде Планот за правата на заедниците што се очекува од Северна Македонија – е внатрешно за соседната држава и не е тема на билатералните односи. Документот ќе се спроведува токму од нејзините институции кон нејзините сопствени граѓани и логично е да биде на јазик достапен за нив. Изборот на Скопје да го претстави нацртот на тој план на своите граѓани на англиски јазик е тешко објасниво, особено ако се планира Планот да биде реално спроведен“, се наведува во соопштението на бугарското МНР.
Од Софија потсетуваат дека на Акцискиот план треба да му претходи впишување на Бугарите во Уставот.
„Потсетуваме, дека Планот за правата на заедниците е чекор предвиден да следи по впишувањето на Бугарите во Уставот, кое се уште претстои и кое ќе им дозволи на нашите соседи да отворат пристапни преговори. Истовремено, ги поздравуваме зборовите на премиерот Христијан Мицкоски дека ‘ќе ги прифати во Планот сите други збелешки’ на бугарската заедница и сметаме дека ќе го испочитува ова ветување кон нив“, наведува бугарското МНР.
Напредок врзан и со Акцискиот план
Во став 35 од Преговарачката рамка се наведува дека „Северна Македонија преку инклузивен процес ќе усвои Акциски план посветен на заштита на правата на припадниците на малцинствата или заедниците, вклучително, меѓудругото, на полето на недискриминација, борба против говорот на омраза, образование, воспоставување ефективни мерки, механизми за известување и идентификување на соодветните одговорни институции. Спроведувањето на овој патоказ и Акциски план постојано ќе се следи и редовно ќе се разгледува на Меѓувладините конференции во текот на процесот на пристапување“.
Во став 37 од Преговарачката рамка се наведува дека исполнувањето на привремените одредници за поглавјата за владеењето на правото „ќе бидат тесно поврзани со активностите и одредниците во спроведувањето на патоказот и Акцискиот план“.
Тоа значи дека ако Акцискиот план не се имплементира, ниту едно преговарачко поглавје не ќе може да се затвори, односно дека тој план ќе биде меѓу средните индикатори (средишна евиденција на успех) во кластерот „Темели“.
Еднаш да се расчисти каков е проблемот!
Во моментов на повидок нема никакви знаци за можен дијалог меѓу двете земји со или без посредство на ЕУ, иако според премиерот, Македонија е на располагање секогаш и секаде да ги претстави аргументите.
„Имаше иницијатива и од претседателката на ЕК, Фон дер Лајен и од претседателот Кошта таква средба да се организира во Брисел. За жал, од другата страна ја одбија таква средба. Потоа имаше иницијатива од Париз, тие да бидат домаќини на ваква средба, повторно ништо. Имаше иницијатива од Берлин тие да бидат домаќини на ваква средба – ништо. Пораката беше од Софија, ама ние треба заедно да разговараме. Чекајте, чекајте, дајте да се одлучиме: билатерален ли е проблемот или ние имаме проблем со Брисел? Ако е билатерален, тогаш ја потврдувате тезата дека го билатерализирате процесот на пристапување, дека нема врска сo Копенхагенските критериуми. Ако е така, да знаеме. Во ред. Нели е тоа прекршување на меѓународното право, нели е тоа прекршување на повелбата на Европската Унија“, праша Мицкоски. (Dw)






