„Буква по буква – азбука“ промовирана инклузивна сликовница на кирилично, брајово и знаковно писмо
По повод денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, беше промовирана инклузивната сликовница „Буква по буква – азбука“ од страна на Владата. Сликовницата е напишана на кирилично, брајово и знаковно писмо. На промоцијата се обратија премиерот Зоран Заев, авторката на сликовницата Гордана Симоновска- Момировска и авторот Горјан Петрески.
Поетесата за деца и млади, а воедно и авторка на инклузивната сликовница, „Буква по буква – азбука“ Гордана Симоновска- Момировска, истакна дека ова е втора инклузивна сликовница на која работи.
„Само кога би знаеле колку многу љубов, трпение, внимание, енергија, време и надеж за поддршка се вложени во овие страници. Тука на едно место, ќе ги запознаете сите три форми на азбуки со кои луѓето со и без попреченост комуницираат меѓусебе. Во случајов зборуваме за кириличната, брајовата и знаковната азбука. Брајовата и знаковната азбука испечатени се на крупен фонт за да се задоволи целосната читателска публика. Велат дека познавањето на туѓите јазици е вистинско богатство, но тогаш кога ќе умееме да ги препознаеме и формите на азбуките со кои што се општи, верувајте тогаш тоа богатство станува бесценето“, изјави Гордана Симоновска- Момировска.
Таа информираше дека македонската верзија на сликовницата „Буква по буква – азбука“ веќе од утре ќе биде достапна за читателската публика, а со секоја купена сликовница, ќе се донира за хуманитарните активности што ги спроведува здружението на граѓани „Различни, а еднакви“.