“Bump” средби

Никако немаме среќа со таа проклета дата за почеток на преговори со ЕУ. Се нешто ќе ни се испречи како магаре пред мостот. Наш единствен аргумент ни е ветувањето од ЕУ, која мака мачи со непослушните членки и тоа оние најмладите по стаж во Унијата. Непослушноста на новите ЕУ држави е Фројдов комплекс, поради траумите кои овие држави ги доживуваа во првите години на членството. Ги третериа како “нови”. На тогашниот амбасадор на Словачка во Белград (не покриваше и нас) а сега експониран ЕУ функционер, М. Лајчак во Скопје, му објаснував  дека во Клубот не се прави разлика меѓу стари и нови членки.

Члeнарината е позната, а и правата, согласно познатите критериуми. Но, времињата се променија. Новите членки дигнаа глава и прават бељи во Брисел. Ние се специјализиравме да правиме ујдурми дома и затоа инсистираме ЕУ да не прими, па да покажеме дека не бива (Димитров, јуниор). ЕУ знае што ја чека, па одолговлекува. А и регионот ни е непредвидлив. Кој би очекувал од сончевата страна на Алпите да се изнедри некаков си нон пејпер неформален акт за комуницирање со кој ние постојано имаме проблеми во неговото дешифрирање. Секако јас денес нема да се бавам со таа тема.

Тоа му го оставам на МНР Османи и поранешниот МНР, а сега вице премиер за ЕУ, Димитров, да шетајќи се по метрополите  го објаснуваат нашиот домашен кошмар, при што љубезните домаќини климаат со главата, што ние го толкуваме како подршка. Тука не гледам никаква наша стратегија (за неа поопширно подоцна). Прокламиравме парола “Европа дома”, а тие со буџетски (наши) пари ги спасувaат авионските компании од банкрот, додека пругата “Балкан експрес” никако да проработи.

При тоа  нашиве политичари,  а посебно оние екстерно ангажирани, со неверојатна леснотија ги користат изветвените термини како  “брате”, “стар пријателе”  “драг пријателе” и слични маалски интимизирачки зборови, кои треба да покажат степенот на традиционално добрите односи на СРМ нпр. со Пакистан или со Брегот на слоновата коска, и да создадат илузија дека се пријатели со соговорникот уште од детска градинка.

При тоа остроумно заклучувате дека министерот за надворешни, врз основа на Павловиот инстинкт продолжува со работната агенда од претходната функција. Непознато е, што ново може вице-то да каже на своите сооговорници во претстолнините на државите од ЕУ. Се разбира ништо, а ЕУ знае се за нас. Може единствено да се однесува сервилно. Просто да на верувам дека Димитров  по повод смртта на Војводата од Единбург не му твитна на Доминик, првиот  државен секретар на Обеденитетот Кралство, Господин Раaб, со изрази на сочувство, бидејќи  се речиси врсници, па можно е  во холовите на Кингс колеџ во Кембриџ  coincidentally да се сретнале.

На таканаречените “bump” средби на нашите МНР веќе се навикнавме. Последниве позначајни се секако онаа на МНР Османи на аеродромот во Софија и оној ,пред некој ден, некаде на скалите во Хофбург на вице премиерот за ЕУ Димитров. Остана непознато што прозбориле и дали на крајот нашиов му рекол на виенски дијалект  “чус” (tschuss), a Себастијан му одоговорил  “чуш” (tschusch). Во првиот случај би бил  употребен изворно холандски збор за “ќао”, а во вториот  типично австрискi антигастајберски потценувачки и примитивен термин уште од времето на Марија Терезија, а се однесувал на босанските пружни работници, на кои секој втор збор им бил “Чујеш” или латински “Ауди”.

Впрочем  вицепремиерот Димитров имал средба со австрискиот сојузен министер за надворешни работи Шаленберг, кој секако наскоро ќе го посети и МНР, Османи, а кому со порака на твитер, Димитров, од името на државите од Западан Балкан само што не го споредил со Метерних. Пораката завршува со “Tschuess”, израз кој не доликува на еден дипломат, кој за себе тврди дека е професионалец. Овој израз повеќе  му приличи  на жител од виенскиот  Doebling. Примерот на твитер и ФБ дипломатија, педатно  го користи и нашата дама во Ватикан, која редовно не информира за нејзините активности, па не мора да ја оптоварува заштитенатa крипто комуникација. Ем штеди ем се експонира.

Наместо нашиве да се сконцентрираат на она што не чека со новата влада во Бугарија после абдикацијата на дуо триото Борисов-Захариева- Каракачанов, Димитров визитира, по свој избор, по светот, а МНР Османи презентираше нов стратешки план на МНР за период 2021 до 2023, за кој наведе дека е направен со широка  соработка со многу компетентни институции и поединци, дури и од самото МНР. Содржината го демантира. Па да видиме зошто. Овај пат во пет точки, точно толку колку и петте приоритети кои тој ги апострофира за време на неговиот мандат, не наведувујаќи го векторски.

Прво стратешките планови не се прават за двогодишен период а изнесените приоритети се одавна познати. Нема ништо ново. Друга е работа што приоритетите не ги почитуваме, па мораме да ги пофторуваме. Соседите се секако приоритет и тоа наметнат од ЕУ. Не разбирам зошто е фокусот на Бугарија како и синтагмата”да го преминеме скалилото на добрососедството и да ги отвориме можностите за длабоко и долгорочно пријателство”.

Не изостана флоксулата дека посебен фокус ќе дале на економијата (економска дипломатија), инфраструктурата, енергетиката итн. области за кои МНР нема никаков кадровски капацитет. Станува  збор за неколку обиди на МНР и сите беа неуспешни. Економските советници во Варшава, Минхен, Анкара и Абу Дабу се веќе определени. Чуму трошење на пари. Нашиве дипломати  секако ќе се обидуваат да  се ангажираат, ама само во интерес на медијаторите. Се разбира партиски.Системски не можат ништо да направат. Тие се дел од МНР, а тоа е е доволно за стерилност. Набавка на вакцините тоа го покажа.

Со партиципација во регионални соработки редовно доцниме. Нивната улога сега е минимилизирана. Тие беа лансирани да не дисциплинизират. Во нив секако не можеме да бидеме лидери. Не ги

користиме и постоечките прилики кои овие иницијативи ни пружаат во различни области. Каде одат средствата од фондовите на ЕУ, нека ви објасни  госпожа Димова.

Со стратегијата  кон ЕУ пак правиме исти грешки. Се потпираме на приоритетите кои ќе произлезат од председавањата со ЕУ од Португал и Словенија во оваа година и Франција и Чешка во 2022 година. За таа цел МНР Османи планирал наше интензивно дипломатско присуство и комуникација во земјите членки на ЕУ и земјите – председавачи со ЕУ.Тоа пак подразбира дека 2020 година добиваме дата за почеток за преговори.

Мултилатерализмот ,се разбира,  е  на последно место од приоритетите. Статус каков имал секогаш. Ние мултилатералата не ја разбираме. Председавање со ОБСЕ во 2023 може да го покаже единствено гостопримаство, кое не може да ги покрие нашите  внатрешни слабости. Треба да се мнимава кој ќе биде амбасадор при ОБСЕ, односно при  меѓународните орагнизации во Виена. Амбасадорите за Вашингтон и Мисијата при ОН како да ги заборавивме, а ситуацијата на Западниот Балкан полека се компликува. Повеќе пати укажував дека посебно не се снаоѓаме  во подршките и кога се во прашање воведувањето на санкции, вклучувајќи го и последниот твитер на МНР, Османи за подржка на санкциите спрема Русија.

За тоа што Стратегијата не содржи наскоро ќе покажат резултатите. Значајно е што викендов е одржано Годишното собрание на ткн.  Совет на амбасадори , на кој е избран нов претседател. Од овој неформален, ама умислен хетореген збир на бадиалџии,   очекувам и понатаму со пензионерскиот Дипломатски клуб, да бидат робусни пиарски поддржувачи на Стратегијата објавена  билингвистички.

  Ѓорѓи Мисајловски

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close