Бунтовниците од Тиграј негираат дека ќе има крвопролевања доколку тргнат кон Адис Абеба

 Бунтовниците од етиопскиот регион Тиграј за смешни и неубедливи ги оценија стравувањата од крвопролевање доколку се обидат да влезат во главниот град Адис Абеба, за да ја соборат владата на премиерот Абиј Ахмед, изјави денеска порпаролот на Народноослободителниот фронт на Тиграј, Геачев Реда, за француските медиуми.

Неколку земји ги повикаа своите граѓани да ја напуштат Етиопија, каде што ескалираше конфликтот меѓу владините сили и бунтовниците од северот на земјата.

Американската Влада вчера ги повика владините претставници и другите американски граѓани „веднаш да ја напуштат Етиопија“ поради ескалацијата на конфликтот.

Бунтовниците, борци на Народоослободителниот фронт на Тиграј (ТПЛФ) и нивните сојузници, Ослободителната војска на Оромо (ОЛА), минатиот викенд соопштија дека ги освоиле градовите Деси и Комболча и не ја отфрлија можноста за поход кон Адис Абеба. .

Етиопската Влада негираше дека бунтовниците постигнале голем напредок и дека му се закануваат на главниот град. Меѓутоа, владата прогласи вонредна состојба, а властите во Адис Абеба побараа од жителите да се организираат за одбрана на градот.

-Да се ​​каже дека жителите на Адис Абеба се жестоко против нас е целосно претерано, изјави Реда за француските медиуми.

Тој додаде дека во Адис Абеба е град во кој сите се измешани и дека таму живеат луѓе од различни интереси.

-Да се ​​каже дека Адис Абеба ќе има крвопролевање доколку  влеземе во него е целосно смешно. Мислам дека таа претпоставка е неверодостојна, рече тој.

Реда додаде дека целта на бунтовниците не е да го заземат главниот град.

-Ние не сме особено заинтересирани за Адис Абеба, туку сакаме да се погрижиме Абиј повеќе да не претставува закана за нашиот народ, рече тој.

Тој, сепак, додаде дека бунтовниците ќе го заземат градот доколку премиерот не ја напушти функцијата.

Портпаролот даде гаранции дека ТПЛФ не сака да ја врати моќта што ја имаа 27 години до 2018 година.

-Ве уверувам дека тоа не нè интересира. Ние само сакаме да обезбедиме гласот на нашиот народ да се слушне за да го искористи своето право на самоопределување и да организира референдум за да одлучи дали сакаме да останеме во Етиопија или да станеме независна држава, рече портпаролот на ТПЛФ.

Тој рече дека бунтовниците напредуваат на југ и се приближуваат до Атаја, 270 километри северно од главниот град, како и дека се движат на исток кон Миле, на патот кон Џибути, важен за снабдување на Адис Абеба.

ТПЛФ во петокот формираше сојуз со осум други опозициски групи со цел да го собори премиерот Абиј Ахмед.

Тие рекоа дека бараат политички промени и преоден аранжман, но ја оставија отворена можноста за употреба на сила за да се принуди Абиј на оставка.

Back to top button
Close