Буриќ: Пандемијата доведе до зголемување на семејното насилство

Генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ, во пресрет на Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените, рече дека избувнувањето на пандемијата на коронавирусот доведе до зголемување на семејното насилство.

– Додека повеќето луѓе остануваат во своите домови и пред компјутери поради новите ограничувачки мерки ширум светот, слушаме многу за сексуално вознемирување, разни форми на следење на луѓе, испраќање пораки со експлицитна содржина, лаги и разни форми на насилство преку интернет, напиша Пејчиновиќ Буриќ.

Според неа, еден од најважните принципи врз кој се темели Советот на Европа е спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство.

– Имаме отворени линии по 24 часа на ден, имаме луѓе кои се таму за да ги советуваат жените и луѓето кои страдаат од семејно насилство. Подготвени сме брзо да реагираме и да дадеме полициска заштита, додаде таа.

Пејчиновиќ Буриќ заклучува дека рестриктивните мерки се голем предизвик, но дека тие не смеат на кој било начин да придонесат за насилство врз жени и деца.

Back to top button
Close