„Бурсток“, со која Мицкоски потпиша меморандум, не е компанија за воена индустрија, туку консултантска куќа
Премиерот Христијан Мицкоски, кој е во Лондон на самитот на Берлинскиот процес, денеска на Фејсбук објави оти потпишал „Меморандум за разбирање со американско-британската компанија ‘Бурсток’, која што ќе инвестира во наменската воена индустрија во Македонија до 150 милиони долари. Ќе имаме нови високоплатени 1.000 работни места и ова е само почеток“.
Но „Бурсток“ не е американско-британска компанија од воената индустрија, туку само британска. И таа нее компанија која ќе инвестира во воена фабрика, туку само консултантска куќа која им овозможува на влади или компании да стапат во контакт со фирми од различен опсег. Меѓу другото и во одбранбената индустрија, пишува Независен.
Тоа го пишува на нејзината официјална веб-страница.
Таа е релативно млада консултантска куќа, основана 2015 година, од двајца луѓе: Барни Вајт-Спанер и Џорџ Базби. Тие имаат врски со малку познатата Група „Охрид“, во која е вклучен поранешниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон. Оваа Група „Охрид“ беше формирана во август 2018, кога премиер беше Зоран Заев. Нејзината активност во Македонија е под јавниот радар.
Христијан Мицкоски го потпишува меморандумот за разбирање со „Бурсток“
Според податоците на интернет за работењето на „Бурсток“, оваа фирма е мала деловна консултантска компанија, изградена од поранешни дипломати и службеници за воено разузнавање со искуство во Источна Европа и на Балканот. Според податоците, има од двајца до 10 вработени.
Еден од основачите, Барни Вајт-Спанер (одговорен за безбедност и стратегија) е генерал, кој служел во британската армија триесет и пет години, завршувајќи како командант на армија. Тој има богато искуство на Блискиот Исток, Африка и Азија, водејќи британски и мултинационални сили. Тој е почесен член на Француската легија на странци и носител на Легијата за заслуги на САД.
Другиот основач, Џорџ Базби (одговорен за безбедност и геополитика), работел 30 години во Министерството за надворешни работи, специјализирајќи се за разузнавање и безбедност. Тој им давал совети на министрите на Велика Британија за стратегии за справување со борбата против тероризмот, трговијата со наркотици и помирувањето на меѓународните спорови. По пензионирањето Базби работи како независен консултант, советувајќи поединци со висока нето вредност кои се соочуваат со сложени правни, политички и финансиски предизвици.
Што пишува самата за себе компанијата „Бурсток“ на нејзината веб страница:
„Црпејќи од нивното богато искуство работејќи за британската влада во многу различни земји, но особено во регионот на Заливот и Западен Балкан, Џорџ (Базби) и Барни (Вајт-Спанер) воспоставија модел што им овозможува да се потпрат на мрежа од висококвалификувани експерти со неспоредлива експертиза во широк спектар на области на политиката. Тие се поддржани од мал, долгогодишен и посветен извршен тим. Предноста на овој модел е што ја наоѓаме личноста што е најсоодветна да му помогне на клиентот и ја оспособуваме да испорача – го прилагодуваме тимот кон клиентот, а не клиентот кон тимот.
Имаме експертиза во многу комерцијални сектори и посебно познавање на одбраната, дипломатијата, безбедноста и разузнавањето. Составуваме специјализирани тимови за да ги задоволиме потребите на клиентот за да решиме и да се осигураме дека секој добива високо специјализиран и квалитетен резултат“.
Значи, „Бурсток“ нема да отвора компанија од воената индустрија во Македонија, туку само ќе ги претстави можностите на Македонија кон такви заинтересирани фирми. Како што вели самата фирма – „му помагаме на клиентот“.
…