Ц40: Јавниот превоз може да создаде милиони работни места

– Во извештајот на Група за климатско лидерство во градовите (C40 cities) се наведува дека инвестиции во јавниот градски превоз можат да создадат 4,6 милиони работни места до 2030 година, да се намалат емисиите на штетни гасови и да му помогнат на светот да се опорави од пандемијата со Ковид-19.

Според истражувањата градовите се клучни во борбата против климатските промени затоа што генерираат три четвртини од емисиите на јаглерод диоксид, а со инвестиции во автобуси и возови, а посебно во електрични возила, ќе се намали употребата на автомобили и загадувањето на воздухот и ќе се заштитат ранливите жители.

– Патот до закрепнување е поплочен со инвестиции во нашата инфраструктура. Јавниот превоз не е само систем за превоз на луѓе, тој исто така отвора можности, нуди еднаквост и подобар квалитет на живот, изјави претседателот на Ц40 и градоначалникот на Лос Анџелес, Ерик Гарсети.

Пандемијата силно го погоди системот на јавен превоз во неколку поголеми градови, бидејќи запре сообраќајот за време на пандемијата. Њујорк очекува дефицит од шест милијарди долари оваа година, а Париз загуби приход од скоро четири  милијарди долари во 2020 година, се наведува во извештајот на Ц40.

Според Ц40 „инвестиран долар во јавен превоз може да генерира економски принос од пет долари, а вложена милијарда долари може да создаде 50.000 работни места“.

Зеленото закрепнување исто така ќе ги поддржи работниците со ниски примања кои се потпираат на јавниот превоз за да стигнат на работа.

– Без силни системи за јавен превоз, работниците, особено жените, мигрантите, младите, несигурните и неформални работници се соочуваат со поголеми бариери за пристап до вработување, изјави претседателката на Меѓународниот синдикат на јавни услуги Роза Паванели.

Во Ц40 Група за климатско лидерство во градовите е составаена од 97 градови низ целиот свет што претставува една дванаесеттина од светското население и една четвртина од глобалната економија.

Back to top button
Close