„Цаци, готова си“: Закана од автомобил кон пратеничката Славјанка Петровска
Доцна синоќа околу 23 часот пред зградата во која живее, возач на автомобил со охридски регистерски таблички со умисла да ја заплаши ѝ го пресретнал патот на пратеничката и поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска, а од внатре ѝ била упатена закана, потврди таа за „Слободен печат“.
Пратеничката се вознемирила и во полициска станица пријавила конкретно лице од Охрид, за кого се сомнева дека стои зад ова загрозување на нејзината сигурност.
-Зборовите што ми ги упати беа ,,Цаци, готова си“. Во станица посочив дека нападот доаѓа после пратеничко прашање кое го поставив минатата недела во врска со дете одземено од неговата мајка и доделено старателство на таткото, но моето прашање не беше за самата судска предуда туку за постапувањето на службеник од Центарот за социјални работи кој без да има таква одлука се обидел да го одземе детето од мајката и да го предаде на таткото. Причината поради која знам за ова е затоа што самата сведочев во два наврати дека детето не сакаше да се оддели од мајката, бидејќи таа живее кај мене на спрат – изјави Петровска за „Слободен печат“.