Цар Борис и негирање на фашизмот

Тордни Линдгрен, еден од најзначајните и најпреведувани шведски писатели и член на Шведската академија, кој пред петнаесетина години го отвори Саемот на книгата во Скопје, со разочарување забележа дека на еден од богато опремените издавачки штандови посебно видливо место му беше отстапено на македонското издание на „Мојата борба“ од Адолф Хитлер (Mein Kampf).

Реакцијата на Линдгрен, кој беше и член на Нобеловиот комитет за доделување на наградата за литература, беше израз на извесна индигнација, така што лесно со два прста го крена примерокот поставен на забележително место, и со одмавнување со главата го спушти повторно долу. На едно такво издание, „нацистичка библија“ од која сѐ уште се инспирираат екстремни десничарски кругови, а и многумина млади луѓе стануваат заведени од таков вид литература и размислувања, според Линдгрен, не му беше место на еден таков голем и свечен книжевен и културен празник.

Хитлеровото контроверзно дело подоцна, без некакви посебни ограничувања, можеше да се најде во слободна продажба на скопските улични продажни штандови, но и во некои супермаркети во Скопје. Од Министерството за култура таквото размножување на една од „најопасните книги во светот“ го објаснуваа со тврдења дека издавањето на ваква литература е дозволено, бидејќи прашањето не е регулирано со законите од областа на културата. Но останува нејасно зошто некому би му било важно да ја издаде „Мојата борба“, освен ако можеби станува збор за пресметани очекувања од остварување профит? Но дали е тоа пропорционално соодветно пресметано и во однос на ризикот што се зголемува за оживување и повампирување на сеништата и најмрачните умствени страници од историјата на човештвото?

Одговорот на вака поставени прашања неизбежно заслужува да биде дел од сериозна дебата што треба да се води и во Македонија, имајќи ги предвид зачестените обиди за негирање на историските факти од периодот на Втората светска војна, фашистичката окупација и депортирањето на македонските Евреи, како дел од нацистичкиот проект на Холокаустот. Искривување на историографските записи од тој период едноставно не можат да подлежат на импровизации и релативизирање, без оглед што некој, во овој случај во Софија, би сакал да го испере срамниот печат од сопственото историско минато.

Германските државни органи долго време се обидуваа да издејствуваат меѓународна забрана за печатење на „Мојата борба“, од страв дека реиздавањето би придонело многумина млади да бидат убедени да ги прифатат нацистичките идеи. Но, според некои германски историчари, таквите кампањи сепак завршиле неуспешно, така што резултатот всушност бил дека книгата станала уште побарана, па дури третирана и како некаков вид „култно дело“.

„Мојата борба“ беше забранета во повеќе европски земји и во Русија како екстремистичка. Во Германија, авторските права на книгата ги поседуваше слободната покраина Баварија, а баварските власти се обидуваа да спречат какви било реиздавања. Но, правно, поседувањето на авторските права на Баварија заврши во декември 2015 година, а на почетокот на 2016 година беше издадено коментирано издание на книгата.

Но според многумина што внимателно ја следат оваа проблематика, хистеријата и прашината што се крева околу издавањето на „Мојата борба“ покажува колку на Германците им е важно да ја убедат меѓународната јавност дека сѐ уште со голема сериозност му приоѓаат на Холокаустот. И дека е важно да се има доверба во таквите намери. Германскиот писател Ханс Магнус Енцесбергер, во пресрет на првото издание на „Мојата борба“ во Германија по седумдецениската забрана, кое беше распродадено за само недела дена, рече дека не верува оти прекинот на забраната за печатење ќе смени нешто посебно, бидејќи цело време беше можно да се дојде до примероци на книгата.

Но сите не се согласуваат со таквите гледишта, и тоа најмногу еврејските заедници во Европа, споредувајќи го издавањето на Хитлеровиот „антисемитски памфлет“ со Пандорината кутија, што не може да се затвори откако ќе биде отворена. Посебно сега, кога се засилуваат антисемитските расположенија и ставови во повеќе европски земји.

Но во Европа веќе и не е реткост да се заговара ревизија на историјата. Посебно во учебниците во кои се прават обиди за рехабилитација на личности кои докажано биле апсолутни соработници на фашистичкиот окупатор. Во тој дел се и јасно присутните притисоци и уцени од страна на Бугарија кон Македонија и нејзините напори да го продолжи својот пат на доближување кон ЕУ. На каков начин ќе се менуваат и „усогласуваат“ македонските учебници, посебно кога е во прашање Втората светска војна, фашистичката окупација и Холокаустот, ќе се види веројатно во блиска иднина.

Но финансиската поддршка што се дава од Софија на здружението во Битола што го носи името на познатиот фашистички соработник Ванчо Михајлов, човек кој никогаш не ги признал Македонците како посебен народ, јасно зборува за проектот на бугарската влада да наметне исполнување на нивните историски ревизионистички апетити, кои ќе бидат вградени во имплементацијата на договорот за добрососедство и соработка.

Уште повеќе во прилог на таквите настојувања, за чие остварување Бугарија без никакво двоумење или задршка го користи правото на вето во ЕУ, е секако и функционирањето на здружението „Цар Борис Трети“ во Охрид, име поврзано со директното учество на Царска Бугарија во Хитлеровиот проект за прогон и уништување на Евреите.

Негаторите на фашизмот и на Холокаустот се обидувале вината на страшниот погром да ја префрлат на самите жртви, обидувајќи се всушност да наметнат сфаќање, врз база на „сопствени“ историски извори, дека бројот на убиените во Холокаустот бил далеку помал, отколку што се тврди дека бил. Каква е тогаш улогата на Бугарија, и какво е нејзиното место во обединета Европа, кога го поддржува основањето на здруженија под такви имиња во соседна Македонија?

Ако Софија сопствените поддржувачи и симпатизери на фашизмот и нацизмот ги смета за мала и безначјана историска епизода, што треба историографски да се „корегира“ и заборави, тогаш Брисел очигледно има сериозни проблеми да објасни зошто, наместо почитување на демократските начела и меѓусбно почитување врз кои би требало да се темели добрососедската соработка, се дозволува и толерира рехабилитирање на соработници на фашистичкиот окупатор и внесување на голема конфузија во доменот на историјата, и тоа од страна на една земја-членка која упорно се обидува да се претстави во светлина на поддржувач на евроинтеграциите. Доколку некој, се разбира, сѐ уште верува во добрите намери на Бугарите за „исправање“ на историските заблуди?

Ивица Челиковиќ

Back to top button
Close