Царина- Годинава лавови увезле само зоолошките градини

Во Царинската управа се евидентирани увози на лавови со издадени дозволи и истите се увезени по барање на Зоолошка Градина Скопје и Зоолошка Градина Битола, велат од Царинската управа. Радио Слободна Европа испрати прашања до оваа институција по информациите дека кумановец и скопјанец на социјалните мрежи објавиле фотографија со лав како домашно милениче.

„Увоз на лавови од страна на физичко лице не е евидентиран во системот на Царинската управа“, одговорија од Царина.

Инаку, на неодамна објавените фотографии на социјалните мрежи може да се забележи дека станува збор за млад лав. И во земјава и во светски размери шверцот на животни е казниво дело. Од Царина посочуваат дека во изминатава година цариниците не евидентирале случаи на криумчарење на диви животни, но додаваат дека во изминативе години неколкупати спречиле шверц на диви и езготични животни.

„Царинските службеници изминатите години имаат спречено шверц на диви и егзотични животни меѓу кои папагали, гулаби, домашни птици, леопардов гекон, камелеони, шкорпии, змии, аквариумски риби, желки и кучиња. Истите биле запленувани при обид да бидат нелегално внесени во државава. Против сторителите биле покренати соодветни пријави, а со цел животните да добијат соодветни услови за живот биле дадени на згрижување во Зоолошката градина“, се вели во одговорот од Царина.

Македонските невладини организации кои се занимаваат со заштита на животните велат дека во земјава се случува криумчарење на егзотични диви животни кои се чуваат несоодветно како миленичиња додека се мали.

Back to top button
Close