Царина со полни раце работа – запленети 540 шишиња вино, 49 штеки цигари скриени во цистерна…
Од Царинската управа информираат дека изминатиот период, царински службеници пронашле и заплениле големи количини цигари, тутун, голема количина на пари и слично, а воедно спречила и нелегален влез на мигранти од Египет.
На граничниот премин Богородица во една цистерна пронашле дури 49 штеки цигари и 300 грама тутун за пушење скриени во цевката за црево, како и во цевката во долниот дел од цистерната. Возачот на цистерната, за да може полесно да ги извади штеките цигари ги поврзал со сајла и така ги скрил во цевките, се со цел да избегне плаќање давачки во износ од 81 илјада денари. Против него е поведена соодветна постапка, а штеките цигари и тутунот се запленети.
Во друг случај, повторно на ГП Богородица, при скенирање на товарно моторно возило – цистерна, откриле 6 штеки цигари скриени во кабината.
Службениците на овој премин заплениле и 30 илјади евра што српски државјанинин сакал нелегално да ги изнесе од државата. Тој со себе носел 40 илјади евра и за кои возачот не поседувал потврда за пријавени платежни средства при влез во државата. Согласно закон на патникот му се вратени 10 илјади евра, додека останатите 30 илјади евра се задржани.
Службата за мобилен скенер на ГП Богородица спречила обид за нелегален влез на четири мигранти, државјани на Египет. Мигрантите се пронајдени во просторот за палети на камион со грчки регистарски таблички, на влез во државата, а случајот е предаден на полициските службеници од граничниот премин за понатамошна постапка .
На ГП Блаце пак, бил спречен обид за шверц на 540 шишиња вино коишто биле скриени во автобус, пријавен за влез во државата. Исто така, на овој премин биле запленети три таблети, две матични плочи и четири читачи на жетони за кафе-апарати откриени во багажникот на автомобил со македонски регистарски таблички на влез во државата.
Царината пронашла 143 резервни делови за возила и 24 литри моторно масло при контрола на автомобил управуван од албански државјанин пријавен за влез во државата на граничниот премин Меџитлија.
Извор: Слободен печат
Фото: Царина